Демонот и госпоѓицата Прим

Демонот и госпоѓицата Прим е роман напишан од бразлискиот романописец Пауло Коелјо. Романот е издаден во 2000 година и е третиот дел од триологијата „На седмиот ден...“, покрај романите „На брегот на реката Педра седнав и плачев“ и „Вероника реши да умре“. Во романот како и во претходните два дела од триологијата се обработува темата „добро против зло“, со што Коелјо главниот лик во романот го поистоветува со ангел, додека антагонистот е претставен како демон.[1]

Демонот и госпоѓицата Прим
македонското издание на романот
АвторПауло Коелјо
Изворен насловO Demônio e a srta Prym
ЗемјаБразил
Јазикпортугалски
ЖанрРоман
Издадена
2000 година
Страници205 страници
ISBN0-00-711605-5
OCLC59407077

Резиме уреди

Во малото фиктивно гратче Вискос, стара жена по име Берта веќе петнаесет години седи на прагот од својот дом зборувајќи со својот мртов сопруг. Таа чека да се појави демонот, како што предвидел нејзиниот сопруг. Еден ден, мистериозен туѓинец доаѓа во селото со намера да остане седум дена, странец во кој Берта го препознава демонот.

Странецот уште првиот ден оди во шумата и закопува единаесет златни прачки. На враќање наидува на Шантал Прим, млада и прекрасна шанкерка изморена од идиличната слика на селото и секојдневната монотонија. Шантал, честопати заведува туристи со кои се впушта во краткотрајни авантури, но овојпат насетува нешто чудесно кај странецот. Тој пак, смета дека Шантал е идеален плен за неговата игра; откако и ги покажува прачките и открива дека е во потрага по добро, бидејќи е уверен дека во светот постои само зло, затоа го одбарал идиличниот Вискос за да направи последен тест и да се увери дека е во право. Тој и кажува на Шантал дека таа е должна да го извести целото село дека во шумата има злато, доколку некој од жителите изврши убиство за седум дена, тој ќе се увери дека не постои добро во светот, а селото ќе ги добие сите златни прачки.

Шантал по средбата станува вознемирена и почнува да води борба самата со себе, околку тоа дали да го извести селото или пак да молчи и да го земе златото само за себе. По целото страдање кое и го причинува златото, Шантал верува дека постои добро и решава да се соочи со странецот со што ќе го извести селото за целата ситуација и ќе докаже дека жителите не се подготвени на таков ужасен чин. Откако го известува селото за предлогот на странецот, жителите почнуваат да гледаат непријател во Шантал и да ја прекоруваат заради нејзините непромислени одлуки. Како и да е, жителите жедни за успех и проширување на градот со што ќе му се врати старата слава решаваат да го прифатат предлогот на странецот, со што целото село ќе учествува во убиството, односно во принесувањето жртва, за што ја бираат старата Берта како најсоодветна за жртвување.

Во меѓувреме, странецот на прагот на победата и ја открива на Шантал својата животна приказна. Имено, тој бил богат и влијателен човек, трговец со оружје. Но еден ден, терористи го киднапирале неговото семејство и барале од него голема сума пари, тој ги земал парите не знаејќи дека терористите веќе ги убиле неговата жена и ќерка. Шантал конечно сфаќајќи ја причината на странецот и уверувајќи се себеси дека покрај сè не сите жители се подготвени на жртвување решава да го спречи жртвувањето. Шантал се испречува пред Берта моментот кога треба да биде убиена и му кажува на селото дека се е игра на странецот и дека убиство не се оправдува под никакви околности и дека извршување на истото е волева и свесна човечка одлука. Таа исто така ја оспорува теоријата на странецот дека луѓето се предводат од најдоминантната човечка емоција - стравот, односно дека сите чувствуваат страв како и таа самата, но таа успеа да го победи стравот а со тоа да го протера и демонот.

Странецот соборен од Шантал заминува од селото но овојпат не е попратен од демон. Шантал, од друга страна, исто така заминува од селото, но овојпат со златото подготвена да започне нов живот. Таа објаснува дека на крајот го зема златото бидејќи исправно ѝ припаѓало на неа уште од самиот почеток, но нејзиниот ангел требал да ја предводи низ тежок пат за конечно го сфати тоа.

Наводи уреди

  1. „„Демонот и госпоѓицата Прим" (критички осврт)“. Архивирано од изворникот на 2016-03-05. Посетено на 2013-04-13.

Надворешни врски уреди