Голема пиштарка
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Пиштарковидни
Семејство: Пиштарки
Род: Големи пиштарки
Вид: Голема пиштарка
Научен назив
Tachymarptis melba
(Linnaeus, 1758)
Распространетост

Големата пиштарка (науч. Tachymarptis melba, syn. Apus melba) е птица од семејството пиштарки (Apodidae). Надворешно е многу слична на селската или градската ластовичка, но всушност е сосема неповрзана со овие врапчевидни (Passeriformes) видови, зашто пиштарките се во редот на Apodiformes. Сличноста се должи на блискиот стил на живеење. Големата пиштарка ја има во Македонија.

Распространетост уреди

Големата пиштарка е распространета низ планините на јужна Европа до Хималаите. Како и малата пиштарка, тие се птици преселници кои зимуваат далеку на југ, во јужна Африка. За време на преселбите широко талкаат и се задржуваат во голем дел на јужна Европа и Азија. Видот, се чини, дека бил многу повеќе распространет за време на последното ледено доба, со голема колонија во Комарова пештерата во Полска, пред околу 40.000-20.000 години (Tomek & Bocheński 2005). Дубровник е познат по големите јата на големата пиштарка кои гнездат во старите градски ѕидини.

Опис уреди

Големата пиштарка лесно се разликува од малата, прво по големината, но и по белиот стомак и грло. Големата пиштарка е речиси двапати поголема од сите останати пиштарки. Долга е 20-23 см, со распон на крилјата од околу 57 см и тежина од 100 грама.[2] По боја, оваа птица е речиси цела темнокафеава, со бели дамки под клунот и на градите кои се обрабени со темнокафеава линија. Младите птици се слични со возрасните, но перјето им е побледо.[3] За споредба, малата пиштарка има распон на крилата од околу 42 см, темната линија околу вратот го одвојува белото грло од белиот стомак. Тие имаат кратка чаталеста опашка и многу долги закосени наназад крилја кои личат на полумесечина или бумеранг. Летот им е побавен и помоќен од оној на нивните помали роднини. Големата пиштарка има многу мали нозе кои ѝ користат само за да се закачи за вертикалната површина. Научното име ѝ произлегува од грчкото απους (apous), што значи „без нозе“. Тие никогаш не се доброволно на земја.

Размножување уреди

 
Tachymarptis melba

Големата пиштарка го гради своето гнездо на карпи, или во урбаните средини, на места недостапни за грабливки, како што се покривите или под мостовите. Гнездат во колонии и лежат 2-3 јајца. Секоја година се враќаат на истото место, поправајќи го истото гнездо. Паровите остануваат заедно цел живот. Младенчињата во гнездото можат да ја намалат својата телесна температура, ако е потребно, кога времето е лошо, и на тој начин да се заштитат додека нивните родители не ја обезбедат потребната храна.

Исхрана уреди

Големите пиштарки најголемиот дел од живото го поминуваат во воздух, хранејќи се со инсектите кои ќе ги фати во лет. Пијат, исто така, во лет.

Огласување уреди

Огласувањето на пиштарката е продолжено чрчорење.

Наводи уреди

  • Tomek, Teresa & Bocheński, Zygmunt (2005): Weichselian and Holocene bird remains from Komarowa Cave, Central Poland. Acta zoologica cracoviensia 48A(1-2): 43-65. PDF fulltext
  1. BirdLife International (2012). Tachymarptis melba. IUCN Red List. Version 2012.1. International Union for Conservation of Nature. Посетено на 16 јули 2012.
  2. Голема пиштарка — BTO Birdfacts (англиски)
  3. Теренски Водич за птици на Источна Африка. Кенија, Танзанија, Уганда, Руанда, Бурунди од Stevenson & Fanshawe. Elsevier Science (2001), ISBN 978-0856610790

Надворешни врски уреди