Геополитиканаука од редот на општествените научни дисциплини која се занимава со проучување на општествените, економските, демографските и политичките процеси на државите како единки зависни и распоредени во единствениот географски простор.[1] Главна дефиниција на геополитиката, која доминирала подолго време е дека таа претставува концепција која ја објаснува политиката на државата преку природногеографските услови, географската положба и расните разлики на населението[2]. Како најглавни чинители во рамки на проучувањата и спроведувањето геополитички анализи се земаат политичките процеси, одлуки и системи, економските остварувања и можности и воено-безбедносните способности и сила на државите врз основа на нивната географска положба, односно географскиот простор на кој се наоѓа нивната државна територија и нивната позиција во светот во однос на важните геостратешки точки или положбата во однос на другите држави.

Историски развиток уреди

 
Рудолф Кјелен, творец на поимот „геополитика“

Зависноста на човекот од физичко-географскиот простор била причина уште од дамнешни времиња тој да го истражува и проучува со цел подобро да го користи и владее. Оттаму, геополитичките размислувања влечат корени уште од антиката каде Аристотел пишувал за влијанието на географската положба врз човековите особини како и импликациите врз економските и воените потреби на идејалната држава[3]. Со истите прашања за влијанието на географскиот простор врз човековите особини и државите се занимавале и средновековните мислители на прагот на хуманизмот - Монтескје, Боден и др[3]. Сепак, поимот геополитика за првпат бил употребен во 1899 година во статијата на шведскиот научник Рудолф Кјелен, под наслов „Студија за шведските политички граници“[2]. Овој научник во својот труд „Државата како облик на живеење“ ("Der staat als Lebensform") геополитиката ја определува како наука за државата како географски организам или појава во просторот, оценувајќи го влијанието на географските фактори врз државата и нејзината моќ како пресудно и од кое произлегуваат насоките за структурирање на најефикасната политика, која на државата ќе и овозможи безбедност и успешен развој[2].

Како прва теорија во рамките на геополитиката се смета концептот за Хартленд или „срцевината на светот“ изнесена од британскиот географ Џон Мекиндер во 1904 година[4]. Според оваа теорија на Мекиндер „срцето на светот“ (анг. heartland) се наоѓа во Источна Европа и оној кој командува со него владее со „светскиот остров“ - Евроазија, што значи дека тој владее и со светот. Врз основа на оваа теорија се развиваат двата главни правци во геополитиката: телурократијата или „цивилизацијата и силите на Копното“ од која до денес произлегуваат правците и доктрините на континентализмот, евроазијството и таласократијата или „цивилизацијата и силите на Морето“ од која пак излегува правецот и доктрината на (евро)атлантизмот.

 
Халфорд Џон Макиндер, творец на основниот концепт на Хартленд во геополитиката

Со сѐ поголемиот економски и техничко-технолошки развој и напредок на човештвото што се одразувал на јакнењето на државите и нивните војски се отворила потребата за проучување на значењето и стратешката важност и предности на физичкиот географски простор во однос на нивниот опстанок, раширување и доминација во светот. Поради сето тоа на почетокот на XX век постоел огромен интерес и постојан развој на геополитиката со геополитичкото и геостратешкото размислување. Во тој поглед предничел интересот на германските географи, генерали и истражувачки кои поведени од сфаќањето за државата како жив организам и потребата од нејзино територијално раширување на „животен простор“ заради опстанок ја развиле германската школа на геополитика на чија основа Нацистичка Германија и Адолф Хитлер ја изградиле својата државна, воена и надворешно политичка доктрина[2]. Тоа повлијаело за многу негативни ставови кон геополитиката по Втората светска војна поради што таа била речиси занемарена и скоро напуштена како дисциплина[3]. Со сѐ побрзиот информациско-технолошки развој во подоцната фаза на Студената војна и појавата на делата на Хенри Кисинџер и Збигњев Бжежински, започнал повторниот интерес кон геополитиката но овој пат повеќе од научен пристап, со што таа е повторно вратена како дисциплина на научната и истражувачката сцена во светот. Глобализацијата и крајот на Студената војна изразен со новата борба за прераспределба на моќта во светот означија ново и сѐ поголемо актуелизирање и подем на интересот за геополитиката како научна, истражувачка и стратешко-државничка дисциплина во науката и меѓународните односи.

Сеопштиот развој на човековото живеење, придонел историски и геополитиката во одредени периоди да се развива во различни правци, па така во однос на историските периоди на човештвото познати се: империјална геополитика, геополитика за време на Студената Војна, современа геополитика на Новиот Светски поредок и еколошка геополитика[2]. Од друга страна, повторниот интерес за геополитиката кон крајот на XX век и развитокот на постмодерната филозофија придонеле за значителен развој особено во Франција каде се основани конфликтната геополитика од Ив Лакост[2]. Истовремено, забрзаниот економски развој и извонредното значење на економијата и економските средства во меѓународните односи придонеле за незапирливото зголемување на интересот за геоекономија, кој е актуелен и во денешни дни[2].

Толкувања и дефиниции уреди

 
Картата на светот врз основа на основите геополитички концепти за „хартленд“ (јадро-стожер) и „римленд“ (обрач)

Под поимот геополитика во американската литература се подразбира општествена научна дисциплина, која се занимава со проучување на делотворноста на етничките, демографските и економските аспекти врз политиката на државата[2]. Според бугарскиот професор Карастојанов, геополитиката претставува додаток на природните, економските, социјалните и демографските особености на државата во создавањето на нејзината политика[2]. Според „Социолошкиот терминолошки речник“ на МАНУ, геополитиката се дефинира како научна дисциплина која истакнува дека земјата на која живее еден народ или на која е организирана државата има пресудна улога во организирањето на политичкиот облик на општеството и водењето на државната политика[5]. Професорот на Универзитетот во Портланд, Ладис Д. Кристоф, дава дефиниција за геополитиката како проучување на политичките феномени во: 1) нивните просторни односи и 2) нивните врски во однос на зависноста и влијанието на Земјата, како што се сите оние културни фактори кои го сочинуваат предметот на проучување на хуманата географија (антропогеографија) во широка смисла на зборот[3]. Понатаму, тој ја поедноставува дефиницијата на геополитиката како политика која е интерпетирана географски или анализирана од и врз основа на нејзиниот географски контекст[3]. Прецизна дефиниција на предметот на геополитиката дава и проф. Мартин Гласнер кој смета дека геополитиката е изучување на државите во контекст на глобалните просторни феномени во обид да се разбере основата на моќта на државите и интеракцијата на државите во светските и меѓународните односи[6]. На ова сфаќање се надоврзува и дефиницијата која смета дека геополитиката е прочување на односите помеѓу политичкото дејствување и географскиот простор во меѓународните односи. Доста поедноставена дефиниција на тоа што е геополитика дава и еден од најновите правци на критичката геополитика кој смета дека геополитиката може да се опише како теорија за решавање на проблемите и практика на владеење во одреден простор[2].

Од сите овие изнесени дефиниции и толкувања, произлегува сфаќањето дека главната задача и идеја на геополитиката е изочување на политичките феномени во контекст на географскиот простор со цел подобро да се разберат случувањата во светот, но и кои се оние важни места кои треба да се контролираат и поседуваат за да се владее со одреден простор или со светот во целост. Задачите и полето на истражување на геополитиката се најдобро дефинирани со мислата на германскиот геополитички мислитер и генерал, Карл Хаусхофер, кој сметал дека геополитиката е прагматична наука која на основа на географските согледувања треба да даде прецизни предвидувања за политичко дејствување и акција[7]. Во тој поглед доста е раширено сфаќањето за геополитиката како метод во рамки на реалистичка школа на меѓународните односи. Имајќи предвид дека врз основа на геополитичките теории и сознанија, државите во светот, а посебно поголемите и помоќните држави (т.н. „големи сили“), градат стратегии за успешно остварување на своите национални интереси, геополитиката најчесто се гледа како доктрина за надворешната политика на државите. Многу често се смета дека геополитиката е инструмент на освојувачките, експанзивни и империјалистички политики и желби на големите држави, меѓутоа во современи услови геополитиката е значајна за опстанокот и остварувањето на националните интереси на сите држави во светот без разлика на нивната големина и моќ, а со процесот на глобализација геополитиката добива и сосема нови размери (т.н. „негеополитика“) кои се однесуваат не само на државите, туку и на недржавните глумци и единки како народи, племиња, општествени движења, религии, цивилизации, сепаратистички движења, терористички групи и криминални мрежи и организации.

Основни концепти и теории во геополитиката уреди

На основа на главните теоретски стојалишта и сфаќања за владеачките сили кои овозможуваат владеење и доминација во просторот и светот, се развиени неколку основни концепти кои укажуваат кои места, предели и простори во светот се значајни и неопходни за посед и контрола. Првобитните основни концепти укажувале на важноста на тие простори од геостратешки аспект и интерес на големите империјални сили, додека со подоцнежниот развиток на геополитиката како научна дисциплина се развиени дополнителни концептуализации кои помагаат во изучувањето и објаснувањето на регионите и простраства со нивните одлики, значења и можности.

Телурократија - правласт на копното уреди

Врз основа на зависноста на човекот и развојот на неговите општествено-политички заедници од физичкиот простор и неговите одлики, а во однос на значењето на копното е развиен геополитичкиот концепт на телурократија . Името телурократија потекнува од латинскиот збор telus со значење на копно или земја грчкиот збор crateon со значење на власт односно со целосно значење на (пре)власт на копното или цивилзација заснована на копнената моќ. Самиот правец на геополитичко мислење се заснова на човековиот начин на живот на копното и неговата важност за човековиот опстанок. Низ вековите па сѐ до денес се задржало извонредното стратешко значење на поседот на територија кое ги подразбира можностите за (земјоделско) производство на храна при што обезбедувањето на храна значело и независност, а од Индустриската револуција во XVIII век па до денес значењето и важност на копнените поседи се зголемило и со можноста за искористување на природните суровини и ресурси како рудите, нафата, природниот гас. Во два наврати силите на копното го доминирале светот, а тоа се: ерата на коњичко јавачка подвижност кога познатото Монголско Царство на чело со Џингис Хан го завладеало најголемиот дел од евроазиското копно, а потоа ерата на трансконтиненталните железници кога Руската Империја ја завладеала Евроазија. Токму појавата и изградбата на трансконтиненталните железници и можноста преку нив за брзо време да се пренесат голем број на војници, воена опрема т.е. војска и суровини и непосредната опасност кон британските колонијални поседи во Индија и Блискиот Исток од руската транссибирска и предложената германска железница Берлин - Багдад влијаеле за официјалната појава на геополитиката како дисциплина преку концептот за хартлед на Џон Халфорд Макиндер. Најпознати телурократски големи сили односно империи засновани на копнената моќ и поседи во минатото и денес се: Русија, Германија, Кина.

 
Поделба на светот според Доктрината на Пан-Региони на Карл Хаусхофер

Во рамки на телурократската геополитичка мисла на почетокот и во првата половина на XIX век се развила познатата германска школа на геополитика која се засновала на детерминизмот и социјалниот дарвинизам. Зачетник на оваа школа бил Фридрих Ратцел кој прв го воспоставил гледиштето за споредба и аналогија на државата со жив организам кој како и човекот за да опстане мора да расте и да се развива преку територијално проширување на животниот простор (герм. Lebensraum) непоходен за опстанок на државата и за напредок на луѓето. Ратцел дури изнесол и седум закони за растежот на државата, а самата органска теорија за државата како живо битие е надополнета од страна на Рудолф Кјелен кој тврдел дека државата е организам составен од пет органи при што го создал и терминот геополитика[8]. Како најзначаен претставник заедно со Ратцел, во рамки на оваа учење се истакнал германскиот генерал Карл Хаусхофер кој сметајќи ја државата зе жив организам и повикувајќи се на сфаќањата за еластичноста на границите (поттикнати од американските мислители Махан и Тејлор) го воспоставил мислењето дека секоја држава има право на воспоставување на природни граници поради неопходната потреба да расте и зајакнува со тоа што територијално ќе се проширува, во спротивност пак и се заканува одумирање[7]. Според неговото сфаќање еластичноста и проширувањето на границите не мора да се заснова на географските белези и одлики, туку врз повеќестраниот пристап на човечкиот фактор како етно-националната припадност, јазикот, културата. Во однос на концептуализацијата на светот, Хаусхофер ја воспоставил Доктрината на Пан-Региони во која светот е поделен на 4 големи пан-региони: Пан-Америка предводен од САД, Евроафрика предводен од Германија, Пан-Русија предводен од Русија и Азиска зона на ко-просперитет предводена од Јапонија, кои на основа на суровините и ресурсите се стремат кон самодоволност односно автархија како главна цел[7]. Според неговото сфаќање само на овој начин преку поделба на 4 големи светски региони кои се предводени од економско-технолошки и воено најсилните држави неминовно ќе се воспостави рамнотежата и стабилноста за долготраен мир во светот[7]. Според некои истражувачи, геополитичкиот поредок на моќта во светот во седумдесеттите години на XX век, била најблиска до оваа замисла на Хаусхофер. Воедно, како најголем непријател на германското империјално проширување и доминација со светот Хаусхофер ја гледал Велика Британија, а сметал дека треба да се остварува соработка со Русија. Како најзначаен концепт во однос на делувањето и проширувањето на државите Хаусхофер и оваа школа ја сметале моќта на волјата односно мотивацијата и решителноста на народите и нивните водства. На основа на учењата и концептите за животниот простор Lebensraum и еластичноста на границите нацистичка Германија ја изградила својата политичка и воена доктрина, иако самите творци на овие концепти никогаш не повикувале на злосторства против човештвото какви што биле сторени од Третиот Рајх за време на Втората светска војна. Во денешно време најпозната и најактуелна геополитичка телурократска школа е руското Евроазијство или континентализмот претставени и застапувани од Александар Дугин.

Хартленд (стожер) уреди

 
Географска мапа со првичната концептуализација на просторот на Хартленд (јадро, срцевина) на светот направена од Халфорд Џон Макиндер во 1904

Концептот и поимот хартленд е создаден од британскиот учен, географ и политичар сер Џон Халфорд Макиндер. Според суштината на неговата смисла и значење овој концепт првенствено може да се преведе и разбере како срцевина , јадро или стожер во и на просторот. Во неговиот концепт поттикнат од британските империјалистички интереси хартленд првично претставен во 1904 како стожерна област - Pivot Area, е географски сместен во длабоката внатрешност на Евроазија[9], во непристапните копнени предели од каде што е лесно достапно за напад секое место на „Светскиот Остров“ така што со можноста за лесно одбивање на поморските сили како неминовна последица од поседот на оваа област произлегува светска доминација[10]. Од гледна точка на Макиндер, хартленд именуван и како „светска тврдина“ е првично подрачје на подвижност (подвижност) на копнените сили, непристапно за поморските сили [11]. Во тоа време како главна поморска сила во светот доминирала Велика Британија, па оттаму геополитичката замисла за хартленд на Макиндер била во контекст на јакнењето на начините за копнена подвижност кои сè повеќе влијаеле за зголемување на моќта на британските соперници – копнено заснованите имеприи и големи сили како Русија и Германија[10]. Земајќи ги предвид актуелните збиднувања и настани во своето време, Макиндер ќе го надополни, преосмисли и ревидира својот концепт за хартленд на двапати. Еднаш во 1919 година, проширувајќи ги границите на областа сметана за хартленд вклучувајќи ги областите на Источна Европа од литоралот на Балтичкото до Црното Море како најважен дел во неговата значајна изрека за контролата на светскиот остров и доминација со светот[10]:

Кој владее со Источна Европа ја контролира срцевината (хартленд); Кој владее со оваа средишна област го контролира светскиот остров; Кој владее со светскиот остров господари со светот[12].


Следната измена на концептот била направена во 1943 година, кога покрај повторна промена на границите (исфрлување на средишните и источните делови на Сибир – т.н. Леналенд) била главно насочена кон промена на теоретското значење на самиот концепт. Имено, во оваа ревизија Макиндер го променил суштинското значење на концепцијата на хартленд од арена на подвижност (област на подвижност на копнените сили) во средиште („тврдина“) на моќ заснована луѓе, ресурси, суровини, внатрешни сообраќајни-комуникациски линии и јадро на индустриската инфраструктура[9]. Поради ваквата промена на значењето на концептот настанало распространување на употребата на поимот хартленд за повеќе различни делови во светот, што придонело до тоа термниот да се дефинира повеќе од аспект на тоа што е отколку каде се наоѓа [11]. Ова всушност значи дека употребата на концептот хартленд во двете значења, како јадро на копнените сили во смисла на област каде што подвижноста е олеснета и место од каде што може лесно и едноставно да бидат нападнати сите останати поврзани места или како јадро на моќта засновано на човечките, природните и индустриските ресурси во комбинација со поволната географска положба и услови, каде што и во двата случаи контролата на овие подрачја овозможува изгледи за доминација – може да биде применета насекаде во светот како на глобално така и на регионално ниво[10]. Несомнено, ова е најзначајниот геополитички концепт кој всушност претставува и основа на геополитиката сам по себе со што воедно се одржува со својата релевантност сѐ до денешни дни.

Таласократија - превласт на морето уреди

Истоврмено во поглед на зависноста на човекот и развојот на неговите општествено-политички заедници од физичкиот простор и неговите одлики, а во однос на значењето на морето е развиен геополитичкиот концепт на таласократија . Името таласократија потекнува од грчките зборови thalassa со значење на море и crateon со значење на власт односно со целосно значење на (пре)власт на морето или цивилзација заснована на поморската моќ. Овој правец и концепција на геополитичко размислување се развило на основа на начинот на живот на морските крајбрежја каде што жителите - рибари, а потоа и морепловци и морнари, ја користеле предноста и поволноста да пловат преку водните пространства на големи далечини каде што имале можност да одземат ресурси со сила или пак да продаваат и купуваат производи на тој начин развивајќи ја трговијата и воедно во случаи на неуспех преку повлекување да ја избегнат опасноста од целосно уништување. На овој начин бил развиен концептот на проекција на моќ кој разбран како можност и способност на државите да војуваат, тргуваат и одржуваат власт преку огромни водни пространства и оддалечени краишта во светот, бил од клучно значење во времето на т.н. Колумбовска или ера на морепловството (XV-XIX в.) кога биле откриени новите континенти и воспоставени колонијалните поседи на империите на Португалија, Шпанија, Велика Британија, Холандија, а потоа во XX век повторно се актуелизирала неговата извонредна стратешка важност со развојот на воздухопловството и вселенските летови. Најпознати таласократски големи сили односно империи засновани на поморската моќ и поседи во минатото и денес се: Велика Британија, САД, како и своевремено колонијалните империи на Шпанија, Португалија, Холандија, Франција (со исклучок на времето на Наполеон Бонапарт).

 
Алфред Тајер Махан, идеен творец на доктрината за САД како светска сила заснована на поморската моќ

Идеен творец на поморската геополитичка и геостратешка е американскиот адмирал, геостратег и историчар на војните и морепловството Алфред Тајер Махан, кој повикувајќи се на англискиот пример на превласт и доминација заснована на поморската надмоќ и империја повикувал за прекинување на американската политика на изолационизам и нејзино стапување на глобалната сцена како светска сила преку изградба на силна морнарица и контрола на важните поморски точки како теснеци и протоци низ кои поминуваат главните и најзначајни поморски трговски линии т.н. тесни грла (анг. chokepoints). Во своето најпознато дело „Влијанието на поморската сила врз историјата“ (1890), Махан наведува шест основни фактори кои влијаат на развојот на поморската моќ: географската положба, физичка структура и конфигурација на бреговите, големината на територијата, бројот на населението, националниот карактер, како и карактерот на државната власт во смисла на политичкиот систем, сфаќањата и гледиштата на политичкото водство[11]. Тој предложил дека САД треба изградат своја флота и поморски бази паралелно на британските од Куба и Панама во Атлантскиот до Хаваите и Филипините во Тихиот Океан[2]. Согледувајќи го искуството од британската империјална доминација во светот Махан заклучил дека поморската надмоќ е клучна за проектирањето на моќ во светот и е тесно поврзана со економската ефикасност и можноста за пловидба, трговија и блокада на останатите европски и светски држави (преку контрола на стратешките точки - теснеци низ кои минуваат линиите на поморски транспорт) при што сето тоа неминовно води кон можност за превласт во светот. На основа на овие гледишта преку концептот за проекција на моќ со подоцнежниот технолошкиот развој се развиени и геополитиката на воздушниот и вселенскиот простор. Изнесената идеја на Махан за стапување на САД како голема сила на глобалната сцена е всушност и темелната основа на сите современи геополитички гледишта за САД како светска велесила и хегемон, од кои најпознати се оние на Хенри Кисинџер и особено на Збигњев Бжежински. Следејќи ги гледиштата на Кисинџер за геостратешкото тројство на односите на САД со Кина, Европа и Русија односно евроазиското копно, Бжежински го објавил своето значајно дело насловено „Големата шаховска табла: Американскиот приматот и неговите геостратешки императиви“ (1998), каде што опишувајќи го американскиот триумф во Студената војна во смисла на контрола над Евроазија, го дал заклучокот дека за првпат во историјата, "не-евроазиска" сила се појавила како главен арбитер на односите на моќ во Евроазија[13]. Самата книга ја истакнува неговата цел: "формулацијата на сеопфатен и интегриран евроазиска геостратегија“[13], за светско водство на САД. Ваквата евроазиска стратегија е неопходна ако се имаат предвид согледувањата на Макиндер и Спајкмен, потврдени и од Бжежински, Евроазија е мегаконтинент чијашто кумулативна (збирна) моќ неколкукратно ја засенува американската[13]. Актуелната американската доминација во светски рамки, особено изразена во бројните воени интервенции по завршетокот на Студената војна во деведесеттите години на XX век и почетокот на XIX век, се заснова на поморската моќ, односно на бројните поморски бази на САД во светските океани и мориња кои можат да опслужуваат носачи на авиони и воена опрема. Имајќи го ова предвид, со цел да бидат важни релевантни сили во светот и Русија, Кина и Индија засилено ги градат, зајакнуваат и модерницизираат своите воени морнарички флоти.

Римленд (обрач) уреди

 
Приказ на концепот за римленд на картата на светот

Друг многу влијателни геополитички концепт во однос на контрола на одредени географски просторна површина со цел да се владее и доминираа во светот е теоријата на Rimland, создадена од страна на американскиот професор по меѓународни односи Николас Спајкмен. Концептот на бил инспириран и развиен во тесна врска и како одговор на Макиндеровиот концепт за стожерна централна област — хартленд, клучна за доминација на светот[8]. Според суштината на неговата смисла и значење овој концепт првенствено може да се преведе и разбере како обрач околу просторот на хартленд (јадрото) кој овозможува негово сопирање, блокада и рамнотежа на силите. Општата дефиниција на концептот за римленд може да биде сфатена како подрајче на поморска достапни земји што го опкружуваат хартленд - светското копнено јадро, овозможувајќи можности да се задржи и блокира моќта на оваа стожерна средишна област и на тој начин да се овозможи на доминација во одреден регион и светот[8]. Спајкмен смета дека евроазиските крајбрежни области вклучувајќи приморска Европа, Блискиот Исток, Индија, Југоисточна Азија и Кина го претставуваат клучот за контрола на светот поради бројноста и одликите на нивното население, нивните богати ресурси и употребата на внатрешни морски линии[8]. Значењето на приморските или маритимни области произлегува од отворениот пристап до сите трговски патишта[10]. Големото геостратешко значење за поседување на оваа област е изрази со зборовите на Спајкмен парафразирајќи ја мислата на Макиндер:

Кој го контролира Римланд, тој управува со Евроазија; Кој управува со Евроазија, тој ја определува судбината на светот.[10]


Оваа област е ранлива на моќта на двете поморски и копнени сили и таа мора да биде управувана од страна на двата типа на сили за опстанок[8]. Римленд што всушност е внатрешната или погранична полумесечина од концептот на Макиндер и според географската положба околу централна област и достапност за поморски сили е од клучно значење за сопирањето и задржувањето на силите кои ја контролнираат областа на стожерот - хартленд[8]. Во тој контекст, со поседување на географската област идентификуван како Rimland е првенствено во однос на блокирање на проширувањето на власт (и) контролирање на внатрешност. Слично како Макиндер, во осмислувањето на концептот на римленд, Спајкмен промовира две географски величини во светската политика и тоа Стар и Нов Свет[10]. Првиот го сочинуваат Евроазија, Африка, Австралија и помалите острови кои се наоѓаат во близина на споменатите континенти, додека вториот или Новиот Свет го сочинуваат Америка и западната полутопка. Двата света, според Спајкман се испреплетуваат еден со друг преку Атлантскиот и Тихиот Океан[10]. Основна одлика на Новиот Свет е неговата хегемонистичка суштина под влијание на САД, додека Стариот Свет е разделен и во него недостасува доминирањето на една сила. И покрај бројните разумни и валидни критики за фрагментација во поглед на одликите физичко-географските и човечкиот фактор во опфатените региони, што ја правата на контролата на овие подрајчја невозможна, предностите на концептот на римленд биле применети и искористи во американската политика на задржување на ширењето на СССР и комунизмот во раните фази на Студената војна преку создавањето на воено-политичките сојузи како НАТО, ЦЕНТО, СЕАТО кои географски го опкружувале тогашниот свет на комунистички држави составен од СССР, Кина и др.[10].

Геополитика на воздушниот простор уреди

 
Мапа на рамнотежата на моќта помеѓу Америка и Евроазија заснована на контролата воздушниот простор, според Александар де Северски

Со зголемената динамика на развојот и напредокот на технологијата во почетокот на XX век се појавила нова фаза и концептуализација на геополитиката. Инспирирани од напредокот на користењето на воздухопловните сили, италијанскиот пилот Џулио Духет и американскиот пилот со руско потекло Александар де Северски ја засновуваат геополитиката на воздушниот простор[10]. Врз основа на телурократските и таласократските начини на размислување за надмоќа на копнената и поморската моќ во однос на доминација во светот Де Северски во своето дело „Победа прку воздухопловната моќ“ (1942) изнесол тврдење за надмоќ на воздухопловната моќ предлагајќи дотогаш невидено "глобално воздухопловно гледиште" во геополитиката[10]. Тој верувал дека целосна превласт на воздушниот простор и тоа не само на локално ниво, како и привремена воздухопловна надмоќ е можна[11]. Според неговото мислење на положбата, конфигурација и азимутската рамноддалечна проекција во центарот на картографски приказ на Северниот Пол има клучно значење околу кое се судираат американските и советските воздухопловни сили. Додека поголемиот дел од воздушниот простор на доминација на САД се протега врз Централна и Јужна Америка, а советската доминација на воздушниот простор се протега врз Азија и потсахарска Африка, целиот Северен Пол, Европа, Евроазија и Северна Африка се во т.н. област на одлука во просторот на дострелот и опсегот на двете воздухопловни сили[11]. Значењето на оваа концепција на геополитиката и геостратегијата особено дошла до израз со пронајдоците во однос на вооружувањето и можностите за напад од воздух посебно: концептот за бомбардирање во јато (анг. Carpet bombing) на група на авиони, пронаоѓањето на авионот бомбардер Б-29 (наречен „воздушна тврдина“) и секако пронајдокот и огромната уништувачка и разорна моќ на атомската бомба, која влијаела на развој и отворање на сосема етапа во меѓународните односи. Предностите на воздухопловството и воздушниот простор во геополитиката особено се користат и денес како што е случај со бомбардирањата и воздушните кампањи на големите сили како онаа над СР Југославија во Косовската војна од 1999, Либија во 2011 и актуелната војна во Сирија каде со одделни воздушни напади дејствуваат и Русија и сојузниците на НАТО.

Геополитика на вселената - Астрополитика уреди

Зголемената брзина на технолошкиот развој довела до лансирање на првите летала и првиот човек во вселената во шеесеттите години на XX век, со што таа била отворена како најнова и последна средина во геополитиката и геостратегијата. Во однос на геополитиката и геостратегијата вселенскиот простор се користи за истражување, разузнавање и извидување односно прибирање на информации за условите и распоредот на силите на теренот во воени цели со стратешка намена, како и за одржување на телекомуникации, навигација и навигациски системи, собирање метеоролошки и картографски податоци во мирнодопски цели и за општа човечка употреба. Користејќи ја нискоземската орбита (до 12 км) сателитите можат многу лесно да вршат шпионажа, при што почнувајќи од педесеттите години на XX век па до денешни дни преку сателитски снимки на позициите на воените единици и терористичките групи често се извршуваат воените напади. Досега само 3 држави во светот: САД (астронаути), Русија (космонаути) и Кина (таиконаути) испратиле вселенски летала со човечки екипаж во вселената. Моментално 7 држави во свеетот: САД, Русија, Кина, Франција односно сега заедничката вселенска програма на ЕУ, Јапонија, Индија и Бразил имаат способност да произведат и успешно да лансираат ракети во вселената, додека за уште две држави: Иран и Северна Кореја ова е непотврдено. Бројни помали држави како Виетнам, Чешка Република и други имаат вселенски истражувачки програми но не се способни да достигнат во вселената. Засега не постои вооружување за употреба во вселената, која како простор е предмет на истражување и проучување на меѓународното право, политика и односи поради што и самите држави и големи сили преку своите вселенски програми водат своевидна „Астро(гео)политика“. Најпознато дело во овој концепциски правец е „Астрополитика: Класичната геополитика во вселенската ера“ (2001) на Еверет Долман, кој делејќи го вселенскиот простор на 4 региони: Земја, Земјина орбита, Месечина со месечевата орбита и Сончевиот Систем воспоставува стратешки т.н. „ланграгиски точки“ (анг. Langragian points) чијашто контрола овозможува превласт и доминација на вселената[14].

Културна геополитика: Судир на цивилизациите уреди

 
Поделба на цивилизациите во светот според книгата „Судир на цивилизациите“ од Семјуел Хантингтон (1996).

Кон крајот на XX век, по завршувањето на Студената војна во која светскиот поредок и геополитичките размислувања биле поделени исклучиво по идеолошки рамки и линии при што како главна суштина на меѓународните односи и геополитиката се сметале борбата на двете општествени и политичко-економски идеологии на либералниот капитализам и комунизмот, настапил просторот за (пре)осмислување на суштината на Новиот Светски поредок. Во тој однос започнале да се пројавуваат идеите за повторната актуелизација и значење на милениумската поделеност и организираност на човековиот живот во цивилизации засновани на културните, верско-религиозните, јазичните одлики на луѓето и народите. Најпознатата теза е предложена од американскиот политички научник Семјуел Хантингтон во неговото дело Судир на цивилизациите каде тој истакнува дека културните и религиозни идентитети на луѓето ќе бидат примарен извор на конфликт во светот по завршувањето на Студената војна[15]. Тој смета дека човековата историја е историја на цивилизациите при што невозможно е да се размислува за развојот на човештвото во некои други рамки[15]. Понатаму, Хантингтон делејќи го современиот свет на 9 постоечки цивилизации: западна (атлантистичка), исламска, православна, синичко-кинеска, латиноамериканска, хиндуистичка, јапонска, будистичка и африканска, наведува дека низ историјата, цивилизациите претставувале најширока категорија со која се идентификувале луѓето при што и цивилизацијата и културата се однесуваат на начинот на живеење на еден народ, а цивилизацијата е култура на повисоко ниво[15]. Хантингтон наведува дека двете ги опфаќаат вредностите, нормите, институциите и оние облици на мислење за кои повеќе генерации едноподруго во едно дадено општетсво сметаат дека се од примарна важност, затоа цивилизацијата е најширок културен ентитет о самата по себе таа е највисока културна групација и најширокото ниво на културен идентитет на луѓето[15]. Друг значаен автор е американскиот геополитички аналитичар и географ Роберт Каплан кој укажувајќи на различните степени и рамништа на општествено-културен цивилизациски развиток во светот каде постојат одредени региони со многу ниска и предмодерна (примитвна) културна развиеност како Западна Африка од една, и региони супер развиена постмодерна култура како Северна Америка и Западна Европа од друга страна, во услови на глобализираниот модерен живот со брз и сеопфатен технолошки, комуникациски и транспортен развој, неминовно ќе донесе судир и геополитика на хаосот.

Критичка геополитика уреди

Во последните сто години, паралелно со развојот на геополитиката со сите нејзини концепти, теории и правци се развивале и геополитичките критики, кои биле многу помалку застапени во јавноста од самите геополитички идеи и гледишта[2]. Заснована на пост-позитивистичките и оптимистичките гледишта, и во тесна поврзаност со социјал-конструктивизмот критичката геополитика во суштина многу се разликува од класичната геополитика геополитика, сметјаќи дека во стварноста геополитиката не постои при што таа е конструкт на зададената реалност. Критичката геополитика се разликува од геополитиката по тоа што ги проблематизира теоретските поставки и е насочена кон истражување на комплексноста на глобалниот политички живот за кој смета дека не може да се објасни само преку проучување на структурата и односите на моќта[2]. За разлика од класичната геополитика која ги проектира културните и политичките претпоставки на политичко-географската карта со цел да може да ги потврди при што не се воочуваат вистинските односи туку тие се создаваат од одредени експерти во моќни установи (војска, универзитети, министерства), критичката геополитика го избегнува ваквиот пристап и поаѓајќи од тврдењето дека геополитиката е многу поширока и послоѓена проблематика повикува на проширување на јавната расправа за одредени пршања, вклучувајќи широк круг на стручњаци и јавноста[2]. Критичката геополитика смета дека сите држави во светот се организирани на одредена територија и нивната надворешна политичка стратегија и практика се во одреден дел условени од географските чинители, а првенствено од нивната положба[2]. Исто така, надворешнополитичката стратегија се заснова и на геополитичакта анализа[2]. За своите истражувачки потреби, критичката геополитика ја дели геополитиката на: формална, практична, популарна и структурална[2]. Главен претставник на оваа концепција е Џерард О'Тoaл кој e клучна фигура во воспоставувањето на критичката геополитика како домен на истражување во рамките на политичката географија и меѓународните односи/.

Главни аналитички правци во геополитиката уреди

Со новите услови кои ги носи високиот и брз технолошки и научен развој, првобитната поделба и сфаќање за постојаното натпреварување и судир помеѓу силитан копното и силите на морето, во втората половина на XX век се надоградила и развила во четири различни теоретски правци на проучување на геополитиката. Со завршувањето на Студената војна и новонастанатиот политички и безбедносен амбиент, победничката атлантистичка геополитичка доктрина се развила во два правци: мондијализам и неоатлантизам, додека континентализмот останал со истата суштина, но во нов облик, а сосема нов правец се развил под дејство на модерната технологија и глобализаскиот процес наречен постмодернистичка геополитика. На основа на овие гледишта и правци се засноваат парадигматските светогледи на современите геополитички анализи и размислувања.

Мондијализам уреди

Во основа, учењето на мондијализмот истакнува дека еволуцијата на човековото општество, еден ден неминовно ќе доведе до тоа, сите народи во светот да се обединат во една заедница со единствен систем на управување - единствена светска влада, која би била способна брз основа на одлуки донесени од мнозинството да ги решава проблемите кои ја обременуваат иднината на човештвото, како што се: војните, гладот, загадувањето, пренаселеност, недостаток на енергија и ресурси, со што би се надминале досегашните причини за судири и страдања на човештвото и би настапило владеењето на светското демократско мнозинство[16]. Еден од главните претставници на овој правец е американскиот професор Френсис Фукујама, со своето најпознато дело „Крајот на историјата и последниот човек“, напишано во мондијалистички дух по конечната победа на либерализмот и либералната идеологија и крајот на Студената војна.

Неоатлантизам уреди

Како и мондијалистите, неоатлантистите исто така се за свет во кој водечка ќе биде либералната демократија, односно вредносниот систем на западниот свет, меѓутоа за разлика од нив тие не веруваат дека е дојден крајот на историјата на судирите по конечната победа на атлантскиот над социјалистичкиот блок во Студената војна[16]. Неоатлантистите сметаат дека во послестуденовоениот свет, ќе дојде до натпревар и судири меѓу цивилизациите околу водечкото место на глобален план, во чии рамки западната (атлантска) цивилизација ќе биде само еден од конкурентите[16]. Главен претставник на овој правец е американскиот професор Семјуел Хантингтон, кој ја разработува оваа идеја во своето дело „Судир на цивилизациите“, во кое покрај западната (атлантска) дефинирал уште шест други потенцијално сопернички цивилизации: исламска, синичка (кинеско-конфуцијанска), хиндуистичка, јапонска, латиноамериканска и (можеби) африканска[16].

Континентализам уреди

Континентализмот почива на тезата дека постои друга алтернатива на проектот за вестернизираниот сведски поредок, чија главен клуч за одржлива и перспективна глобална стабилност е осуетување на надмоќноста на САД (и американизираниот Запад) преку здружување на моќта на континенталните сили и целини. Како главен и предодрен глумец кој треба да се спротивстави на западниот блок се смета азискиот или евроазискиот континентален блок[16]. Најпознат претставник на евроазискиот континентализам, е рускиот автор Александар Дугин кој во своето дело „Основи на Геополитиката - просторно размислување“ зборува за епохалната мисија на Русија која како земја во „срцето на светот“ (heartland) има за задача да ја интегрира Евроазија („собирање на Империјата“) доколку не сака да остане без своите пространства кои се цел на западот и останатите конкуренти[16]. Покрај овoј под-правец во рамките на континентализмот постојат и други под правци како што се: европската нова десница - чие главно гледиште е Европа надвор од прегратките на Америка и погубните последици од глобалната доминација на Западот, со зближување со своите континентални соседи на исток и југоисток кон подобра позиција на меѓународната сцена и американската варијатна континентализмот - чие главно гледиште е дека соработката помеѓу земјите внатре во американскиот континент треба да има приоритет во американската надворешна политика[16].

Постмодерна геополитика уреди

Во време на технолошката и економската глобализација, овој правец во геополитиката укажува на релативизирањето и смаленото значење на физичко-географските фактори, до степен на нивно целосно негирање и безначајност во современите политички процеси[16]. Овој правец целосно ги негира геополитичките доктрини, истакнувајќи дека во современиот свет политиката престанала да биде поврзана и да зависи од Земјиното тло и географијата, па токму затоа главно место зазема борбата за одржување и зголемување на брзината до пристапот на информации, технолошкиот развиток и иновации и економско-финансиското освојување на глобалниот пазар[16]. Во тој контекст во рамки на стратешките и безбедносните согледувања во зачеток е развојот и на нов коцептуален правец на геополитика на сајбер просторот.

Наводи уреди

  1. Evans, G & Newnham, J., (1998), "The Penguin Dictionary of International relations", Penguin Books, London, Uk. ISBN 0-14-051397-3
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 2,13 2,14 2,15 2,16 Милески, Тони (2015). Политичка географија и геополитика. Скопје: Филозофски факултет. стр. 14–28.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Kristof, K.D., Ladis (1960). „The Origins and Evolution of Geopolitics“. The Journal of Conflict Resolution (англиски). Sage Publications. 1 (4): 34. ISSN 0022-0027.
  4. Mackinder's Heartland Theory (на англиски јазик)
  5. Чокревски, Томислав; Корубин, Благоја; Ацески, Илија (1995). Социолошки терминолошки речник (PDF). Скопје: МАНУ. стр. 60. ISBN 9989-43-035-7.
  6. Glassner, Martin; Fahrer, Chuck (2004). Political Geography. 3rd (англиски). Hoboken: Wiley.
  7. 7,0 7,1 7,2 7,3 Haushofer, Karl (1927). Grenzen in ihrer Geographicen und Politischen Bedeutung (германски). Берлин: Kurt Vowinckel Verlag.
  8. 8,0 8,1 8,2 8,3 8,4 8,5 Sharevski, Mario (2014). The Balkans after 1991 through the prism of geopolitics (магистерска теза. изд.). Прага: Карлов Универзитет. стр. 26.
  9. 9,0 9,1 Cohen, Saul (2003). Geopolitics of the World System. Lanham: Rowman & Littlefield Publishers. стр. 13–16.
  10. 10,00 10,01 10,02 10,03 10,04 10,05 10,06 10,07 10,08 10,09 10,10 Шаревски, Марио; Милески Тони (2014). „Концептуализација на политичката карта на Балканот“ (PDF). Безбедносни дијалози. Филозофски факултет. 1 (5): 45–63. ISSN 1857-7172.
  11. 11,0 11,1 11,2 11,3 11,4 Jones, Stephen (1955). „Global Strategic Views“. Geographical Review (англиски). American Geographical Society. 4 (45): 492–508. doi:10.2307/211614.
  12. Mackinder, Halford John (1919). Democratic Ideals and Realities (англиски). Лондон: H.Holt. стр. 106.
  13. 13,0 13,1 13,2 Brzezinski, Zbignew (1997). The Grand Chessboard: American Primacy and Its Geostrategic Imperatives (англиски). New York: Perseus Books. стр. 30–31.
  14. Dolman, C., Everet (2001). Astropolitik: Classical Geopolitics in the Space Age (англиски). London: Routledge.
  15. 15,0 15,1 15,2 15,3 Хантингтон, Семјуел (2010). Судирот на цивилизациите и преобликување на светскиот поредок. Скопје: Евро-Балкан Пресс.
  16. 16,0 16,1 16,2 16,3 16,4 16,5 16,6 16,7 16,8 Килибарда, Зоран (2008). Основе геополитике (српски). Белград: Факултет безбедности. стр. 49–60.
  Статијата „Геополитика“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).