Гајо Петровиќ (хрватски: Gajo Petrović; Карловац, 12 март 1927Загреб, 13 јуни 1993) — хрватски марксистички хуманист, еден од главните теоретичари на Праксис школата во Југославија и единствен уредник на списанието „Праксис“ што беше на таа функција од основањето до замирањето на списанието.

Академска кариера уреди

Своите филозофски студии ги започнува на Универзитетот во Загреб (1944-1946). Од 1946 до 1948 како студент на размена студира во СССР и таму се запознава со репресијата на филозофската мисла што ја воведе Сталин. По враќањето во Југославија ги завршува своите студии и од 1950 почнува да предава на Филозофскиот факултет во Загреб, каде што останува сè до своето пензионирање. Докторира во јануари 1956 со дисертација за филозофските погледи на Георги Плеханов. Потоа заминува на усовршување на Универзитетот во Лондон (1956-1957), каде работи со Алфред Ајер. Хабилитира во 1958 година со тезата „Кореспонденција и евиденција. Ф. Брентановата теорија на вистината“.

Еден е од основачите на Хрватското филозофско друштво и негов претседател во периодот 1963-1964. Во 1964 до 1966 година е претседател на Југословенското здружение за филозофија. Од 1986 година е потпретседател на Друштвото „Ернст Блох“ од Лудвигсхафен. Во 1986 година е избран и за вонреден член на Српската академија на науките и уметностите, а во 1990 година е прогласен за почесен доктор на науки на Универзитетот во Стразбур.

Во 1986 година се објавени неговите „Избрани трудови“, а во 2001 година, посмртно, во Загреб е објавен зборник на трудови насловен „Реалноста и критиката“.

Филозофски погледи уреди

Уште во 1950-тите Петровиќ се профилира како еден од водечките југословенски критичари на сталинистичките филозофски тези. Во раните 1960-ти неговите филозофски сфаќања еволуираа кон толкување на марксизмот втемелено врз филозофските дела на младиот Маркс. Ослободувањето од сталинистичките догми беше на иста линија со самоуправната ориентација на титоистичкиот режим, но постојаните критички забелешки на Петровиќ и на останатите припадници на Праксис школата кон системот го доведе до судир со власта. Во 1968 година Петровиќ им дава поддршка на студентските протести. Поради тоа на состанокот на Партискиот комитет на Универзитетот во Загреб одржан на 9 јуни тој е исклучен од Сојузот на комунистите на Југославија.

Карактеристично за филозофијата на Петровиќ е противењето на вообичаеното толкување на филозофските погледи на Маркс како дијалектички материјализам и неговото инсистирање дека Марксовата филозофија беше мислење на револуцијата, кое контемплира околу можностите за револуционерна промена на постојниот нехуман свет.

Творештво уреди

Петровиќ е автор на 14 книги и повеќе статии и есеи. Помеѓу позначајните негови дела се:

  • „Англиската емпиристичка филозофија“ (1955)
  • „Филозофските погледи на Г. В. Плеханов“ (1957)
  • „Логика“ (1964)
  • „Од Лок до Ајер“ (1964)
  • „Филозофијата и марксизмот“ (1965)
  • „Можноста на човекот“ (1969)
  • „Филозофијата и револуцијата“ (1971)
  • „Зошто праксис?“ (1972)
  • „Мислење на револуцијата“ (1978)
  • „Маркс и марксистите“ (1986)
  • „Во потрага по слободата“ (1990)

Надворешни врски уреди