Вилијам Блејк во народната култура

Како додаток на неговото влијание врз писателите и уметниците, улогата на Вилијам Блејк како поет-сликар-приврзаник кон сексуалната слобода и фантазијата од него имаат создадено единствена фигура во целокупната историја на литературата со уникатно влијание врз развитокот на модерната поп-култура [1]. Многу повеќе од било кој друг каноничен писател, неговите песни се прифатени и адаптирани врз музика од разни музичари, од типот на U2, Ван Морисон, Џа Вобл, Tangerine Dream, Брус Дикинсон и Улвер. Исто така и фолк музичарите се имаат инспирирано од неговите дела, а фигури од типот на Боб Дилан [2], Аласдер Греј и Ален Гинзберг го вбројуваат Блејк меѓу своите идоли. Жанрот графичка новела своите корени ги наоѓа во Блејковите гравури-песни и пророчки книги.

Вилијам Блејк, Големиот Црвен Змеј и Жената облечена во Сонце

Литература уреди

 
Обвивката на романот Црвениот Змеј на Томас Харис од 1981 година

Илустрираните книги на Блејк биле доста имитирани во почетокот на XX век, а со појавата на радикалните култури и алтернативни уметности, и Блејковите пророчки книги стануваат особено значајни. Олдос Хаксли ќе ја преземе идејата за постоење на Врати на Перцепцијата во својата истоимена книга од 1954 година, во која го разработува проширувањето на човечките видици како резултат на користење на дрога. Авторот на Хрониките на Нарнија, К. С. Луис се инспирира од Блејковата Венчавка на Рајот и Пеколот во предговорот на својата книга Големиот Развод во која го опишува Блејк како "голем гениј". В. Б. Јејтс ќе биде уредувач на една збирка поезија на Блејк и ќе се смета себеси за наследник на неговата поетска визија.

Блејковата слика Големиот Црвен Змеј и Жената облечена во Сонце (1806-1809) како и поемата Претчувства за Невиноста имаат голема улога во формирањето на романот Црвениот Змеј на Томас Харис од 1981 година каде убиецот Френсис Долархајд е опседнат со оваа слика. Долархајд живее со убедување дека треба да се претвори во суштество налик на змејот прикажан на сликата.[3]

Блејк и неговата жена Кејт се важни елементи во градбата на научно-фантастичниот роман на Реј Фарадеј Нелсон Напредокот на Блејк (1975). Сликата на главниот град на Англија прикажана во Блејковиот Ерусалим ќе го инспирира создавањето на психогеографскиот Лондон преку делата на романописецот Јан Синклер како и на Блејковиот биограф Петер Ајкројд и поетот Ајдан Дан.

Контроверзната книга на Салман Ружди - Сатанските стихови (1988) содржи една кратка сцена каде што личностите разговараат за Венчавката на Рајот и Пеколот.[4]

Блејк е цитиран од Филип Палман како едно од трите влијанија врз создавањето на Неговите мрачни материјали, покрај Хајнрих фон Клајст и Џон Милтон.[5] Палман ќе рече дека неговата намера била да изврши инверзија на борбата меѓу рајот и пеколот кај Милтон со помош на познатиот Блејков коментар дека Милтон "е од страната на Ѓаволот без и да го знае тоа."[6] Уште и ќе додаде дека "тој е од страната на Ѓаволот и дека добро го знае тоа."

Романот Погледни на Ед Беманд (2006) користи низа алузии на Мувата и Тигарот и опишува идеи кои многу наликуваат на Блејк. Блејковиот град Бејула е присутен во романот Страста на Новите Ноќи (1977) на Ангела Картер и тоа како подземно место за собирање на женска религиозна секта. Блејк е лик и во романот на Трејси Шевалие Горејќи светло (2007), кој го обработува животот на едно семејство што живее веднаш до Блејк, додека тој работи на Песните на искуството.[7]

Стрипови и графички книги уреди

Блејк е особено популарна и значајна личност во стрип заедницата. Алан Мур цитира дела на Блејк во О за Омраза (1982-85) и Чувари (1986-7).[8] Вилијам Блејк останува важен дел од творештвото на Алан Мур и во неговиот подоцнежен период и се забележува како лик и во Од Пеколот (1991-98) и во Патување на ангелите (2001). Во Од Пеколот, Блејк се појавува во вид на мистичен и окултен антоним на Вилијам Гал во текот на неговата мисија да ги убие проститутките на Вајчепел во Лондон. Грант Морисон, Р. Крамб и Џ.М. Дематеис го имаат цитирано Блејк како еден од оние кои најмногу влијаеле врз нив. Дизајнерот Вилијам Блејк Еверет пак тврди дека е негов потомок [9][10]Јуризен на Блејк се појавува во едно рано издание на Морисоновите Непобедливи. Јуризен исто така е застапен и во окултниот суперхерој-стрип Спон на Тод Мекфарлан. Покрај овие поочигледни и пографички примери, Блејк, исто така, често е и спонтано цитиран во стриповите. Во Калвин и Хобс, Калвин рецитира неколку стихови од песната "Тигарот" на Блејк, додека го набљудува заспаниот Хобс (кој и е тигар), радосно повторувајќи го воведниот стих од песната "Тигру, Тигру, ти што гориш светло, јако...".

Телевизија уреди

Во епизодата "Потполна фронтална голотија" (осма епизода од првата сезона) на Летечкиот Циркус на Монти Пајтон емитувана во 1969 година, Блејковата песна "Ерусалим" мора да биде изрецитирана за да се натера еден продавач да ја тргне ќесата од глава. Исто така, оваа поема спорадично се користи и во четвртата епизода од оваа сезона и тоа од страна на Ерик Ајдл кој постојано го користи зборот заби (teeth) место нозе (feet). Кога ќе стигне до стихот "Зелените англиски планини..." се префрла на "Рустикалниот монолог", кој пак е прекинат од полковникот. Во скечот "Цајкани на Спасението/Црковна полиција", откако овие специфични специјални сили ќе уапсат некого тие мораат и да "го утврдат апсењето со химна", по што продолжуваат со пеење на Ерусалим. Оваа позната Блејкова поема, Пајтоновците ја користат и во многу други епизоди, а истата се појавува и во Прилично непотполната и доста лошо илустрирана песнарка на Монти Пајтон под името "Ерусалим".

Филмови уреди

 
Френсис Долархајд портретиран од Том Нунан со тетоважа која наликува на една од Блејковите слики за Црвениот Змеј.

Во својот филм Улици на злото (1973), Мартин Скорсезе користи стихови од песната Тигарот кога еден малечок тигар ќе ги натера Харви Кајтел и Роберт Де Ниро да се качат на еден кауч, на тој начин повлекувајќи паралела меѓу истрајноста и невиноста на градот.[11]

Во вестернот Мртов човек (1995) на Џим Џармуш, централниот лик, кој го игра Џони Деп се вика Вилијам Блејк и низа алузии кон неговото творештво се јавуваат откако Блејк (кој нема ниту слушнато за поетот) запознава еден индијанец кој е негов голем обожавател.[12]

Варијација на стихови од Блејковата "Америка: Пророштво" се појавува и во научно-фантастичниот класик на Ридли Скот Блејд Ранер (1982) а истите ги рецитира андроидот Рој Бати (Ратгер Хауер). Ова се толкува како начин да се поврзе Бати со Блејковиот митски регенеративен херој Орк.[13]

Блејковото творештво постојано се јавува и во филмот на Питер Кар Опасниот живот на децата од олтарот (2002). Во комедијата од 2006 година Ноќи во Таладега: Баладата за Рики Боби, Жан Жирар цитира една од Блејковите Поговорки од Пеколот, велејќи "исечениот црв му простува на ралото".

Филмските верзии на романот Црвениот змеј - Ловец на луѓе и Црвениот змеј ја вклучуваат и познатата слика на Вилијам. Во првиот филм, ликот игран од Том Нунан, има тетоважа на своите гради која го прикажува змејот како лебди над девојката. Во вториот филм пак, ликот (игран од Ралф Фајнс) има една стилизирана верзија на змејот истетовирана врз неговиот грб.

Музика уреди

 
Опаковката на Мотиви според Венчавката на Рајот и Пеколот на Вилијам Блејк, албум на Улвер од 1998 година.

Песни од Блејк се поставени врз музика од многу композитори, меѓу кои и Ралф Вон Вилијамс и Бенџамин Бритен. Сепак, најпознатата музичка верзија на Блејкова песна е химната на Хаберт Пери - Ерусалим, која е всушност патриотска песна од времето на Првата светска војна.

Со појавата на модерната популарна музика од 1950-тите и 60-тите Блејк станува херој на контра-културата. Песните на Дилан редовно се споредувани со оние на Блејк.[2] Дилан исто така ќе соработува и со Ален Гинзберг при што ќе бидат снимени две Блејкови песни.[14] Самиот Гинзберг има изведено и исвирено низа Блејкови песни, тврдејќи дека мелодијата за истите му била соопштена од духот на Вилијам Блејк.[15] Тој ќе верува дека во 1948 година во неговиот апартман во Харлем имал аудитивна халуцинација на Блејк кој ги читал своите песни "Ах, Сончогледу", "Болната Ружа" и "Изгубеното девојче" (подоцна овој настан ќе биде запаметен како Гинзберговата "Блејкова визија").

Фагс исто така ќе исвират неколку песни на Блејк, а и ќе ја искомпонираат "Почит кон Вилијам и Катерина Блејк", песна во која тие ја прославуаат нивната сексуална слобода.[16] Atomic Rooster ќе ја искористат сликата на Блејк "Навуходоносор" како опаковка на својот албум од 1970 година Смртта чекори зад тебе.

Фолк музичарите често ќе го цитираат Блејк како свој претходник, особено навраќајќи се на неговите Песни на невиноста и искуството. Во 1986 година Грег Браун издава албум во кој има направено избор на неколку песни од оваа книга, а неколку Блејкови песни ќе бидат вклучени и во албумот на Tangerine Dream од 1987 година - Тигар. И Фин Коран ќе има свој Проект Блејк во кој низа песни на Блејк ќе постави врз музика, слично како и Џа Вобл во неговиот Инспирирано од Вилијам Блејк. Лорена Мекенит ќе искористи стихови од првата Блејкова книга Поетски скици во својата Приспивна песна.[17]

 
Хемиска свадба од Брус Дикинсон, на која е прикажана Блејквоата слика Духот на Флеа.

Низа мејнстрим рок и поп групи исто така ќе бидат инспириани од Блејк. Албумот на U2 - Joshua Tree - првобитно бил замислен да започне со песната "Прекрасен Дух" во која Боно го рецитира Воведот кон Песните на невиноста следен од мрачен инструментален призвук; песната сепак нема да се појави во конечната верзија на Joshua Tree, но седумнаесет години подоцна ќе ја има во Комплетните U2. Дениел Амос ја вклучуваат песната Вилијам Блејк на нивниот албум Vox Humana од 1984 година. Соло албумот на Брус Дикинсон Хемиска свадба делумно се темели врз Блејковите песни. Всушност, многу песни на албумот, како на пример Книгата за Тел, имаат исти наслови како и Блејковите.

Претставниците на хеви метал музиката доста ги истражуваат Блејковите Пророчки книги. Il Trono dei Ricordi издаваат еден цел албум инспириран од Блејк, кој користи пасажи од Книгата за Јурајзен и Визии на Ќерките на Албион. Улвер го издаваат Мотиви според Венчавката на Рајот и Пеколот на Вилијам Блејк (1998) кој користи обемни извадоци од неговите книги.

Композиторот Вилијам Болком мелодички ја обработува целата Песни на невиноста и искуството во 1984 година, но само одредени снимки од овој проект се јавуваат во 2006 година. На два одделни албуми, композиторот, диригиент и музичар Дејвид Екслроуд врши музичка интерпретација на Песните на невиноста и Песните на искуството.

Шведскиот експериментален/алтернативен/индустриски бенд Протагонист има една песна со име Болната ружа (заснована врз истоимената песна) на својот албум Песни на искуството.

Белешки уреди

  1. Блејк, Модерна и Популарна култура, Стив Кларк и Џејсон Витакер, Palgrave, 2007, Вовед: Блејк, Модерна и популарна култура.
  2. 2,0 2,1 Вилијам Блејк во Енциклопедијата Боб Дилан од Мајкл Греј.
  3. Кога јагнињата и тигрите ќе стивнат: Харис и Блејк, Доброто и Злото, М.Гомпф, во Блејк, Модерна и Популарна култура, Стив Кларк и Џејсон Витакер, Palgrave, 2007.
  4. М. Грин, 'Овој ангел, кој сега е ѓавол, е мој особен пријател': ѓаволското пријателство и вкрстеното испрашување на Блејк и Ружди во Блејк, Модерна и Популарна култура, Стив Кларк и Џејсон Витакер, Palgrave, 2007.
  5. Фрајд, Кери. „Видлива темнина: интервју со Филип Палман“. Amazon.com.
  6. Мичисон, Аманда. „Уметноста на Темнината“. Daily Telegraph.
  7. Во шумите на ноќта, Трејси Шевалие се префрла од Вермер на Блејк во Горејќи светло, од Клер Кларк, The Guardian, 10 март 2007.
  8. Роџер Витсон, Поротничка паралакса: Стравотната симетрија на Вилијам Блејк и Алан Мур. Очигледно оддавање на почит кон Блејковото влијание врз Мур се забележува и преку вметнувањето на неговиот акварел "Елохим го создава Адам" (кој може да се види кога Евеј за првпат се запознава со скривалиштето на О) во неодамнешната филмувана верзија на О за Омраза.
  9. Вилијам Блејк и визуелната култура, Роџер Витсон во ImageText, 2006.. Блејк немал деца, поради што Еверет вели дека е негов далечен роднина.
  10. Интервју со ќерката на Вилјам Блејк Еверет.
  11. „Сценарио на Улици на злото. Архивирано од изворникот на 2007-08-06. Посетено на 2007-07-19.
  12. „Роџер Еберт, рецензија на Мртов човек. Архивирано од изворникот на 2013-03-22. Посетено на 2021-09-07.
  13. „Герлингер, Огнените ангели паднаа: Америка, Регенерацијата и Блејд Ранер на Ридли Скот, австралоазиски весник посветен на проучување на Америка“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2007-08-29. Посетено на 2007-07-19.
  14. Сесиите Дилан/Гинзберг
  15. Гинзберг го испева Блејк.
  16. „Врски меѓу популарната култура и романтизмот“. Архивирано од изворникот на 2007-08-16. Посетено на 2007-07-19.
  17. Лорена Мекенит - Приспивна песна.