Блатна ластовица
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Бекасови
Семејство: Блатни ластовици
Род: Блатна ластовица
Вид: Обична блатна ластовица
Научен назив
Glareola pratincola
Linnaeus, 1766

Обична блатна ластовица (науч. Glareola pratincola) — крајбрежна птица од семејството блатни ластовици. Необично за блатните птици, таа често лови инсекти во лет, слично на ластовиците со кои нема роднински врски, но имаат надворешна сличност. Секако, таа се храни и на земја.

Блатна ластовица однапред
Во лет
Glareola pratincola pratincola
Glareola pratincola

Животната средина на блатната ластовица е отворената земја и често може да се види приквечер крај вода, ловејќи инсекти. Распространета е низ потоплите региони на Европа, југозападна Азија и Африка. Ја има и во Македонија. Таа е птица преселница која зимува во тропска Африка. Ретко може да се види посеверно од нејзиниот опсег.

Оваа птица е долга 24-28 см, со распон на крилјата од 60 до 70 см. Има кратки нозе, долги зашилени крилја, долга чаталеста опашка и краток клун, адаптиран за лов во воздух. Грбот и главата ѝ се кафеави, а крилјата со малку потемна нијанса и многу темни завршетоци. Стомакот е бел, но вратот се прелева во жолтеникава нијанса. Има впечатлив жолт круг под клунот обрабен со црна линија, кој започнува од клунот, под очите и завршува на грлото. Под крилјата е костенлива, но во лет изгледа темно.

Потребно е добро познавање за оваа птица да ја разликуваме од многу сличните блатни ластовици, како што е на пример црнокрилата блатна ластовица која може да живее на истиот простор и има, исто така, костенлива боја под крилјата, но опашката ѝ е пократка.

Блатните ластовици образуваат мали, не многу густи колонии. Гнездото претставува мала јамичка среде ниска и ретка тревна површина. Несaт 2-4 јајца. По испилувањето, малечките остануваат во гнездото само 2-3 дена, а потоа се кријат во околните растенија.

Блатната ластовица е еден од видовите на кои се однесува Договорот за заштита на африканско-евроазиските водни птици-преселници.

Наводи уреди

  1. BirdLife International (2012). Glareola pratincola. IUCN Red List. Version 2012.1. International Union for Conservation of Nature. Посетено на 16 July 2012.

Надворешни врски уреди