Бенвенуто Челини (итал. Benvenuto Cellini; 3 ноември 150013 февруари 1571) — италијански златар, вајар, сликар, војник и музичар, автор на прочуена автобиографија. Претставува еден од најважните дејци на маниризмот.

Бенвенуто Челини
Benvenuto Cellini
Биста на Бенвенуто Челини на мостот Понте Векјо во Фиренца
Роден(а)Бенвенуто Челини
3 ноември 1500(1500-11-03)
Фиренца, Фиренска Република
Починал(а)13 февруари 1571(1571-02-13) (возр. 70)
Фиренца, Големо војводство Тоскана
НационалностИталијанец
ОбразованиеЦртачка академија
Познат(а) позлатар, вајар, сликар
Значајни делаЧелиниев соларник“ (Saliera, 1543)
Правецманиризам

Животопис уреди

Младост уреди

Бенвенуто Челини е роден во Фиренца, Италија, во семејството на Џовани Челини и Марија Лизабета Граначи, кои го добиле првото дете по одумнаесет години брак, а Бенвенуто бил второто дете. Татко му бил мајстор изработувач на музички инструменти. Во раната младост бил истеран од родниот град поради наводна вмешаност во тепачка.

Татко му во прво време сакал да учи занает во неговиот дуќан за инструменти и настојувал да му ја згасне желбата да работи со метали. На возраст од петнаесет години, татко му неволно се согласил да го даде за чирак кај Антонио ди Сандро (Марконе). Веќе на шеснаесет години Бенвенуто го привлекол вниманието на јавноста во Фиренца поради вмешаност во тепачки со дружината. Избегнал казна со тоа што пребегнал во Сиена, каде шест месеци работел за златарот Фраксторо. Од Сиена се преселил во Болоња, каде станал успешен флејтист и го надоградил знаењето во златарскиот занает. По извесно време престојувал и во Пиза, па на двапати се враќал во Фиренца. На деветнаесет годишна возраст се преселил во Рим[1]

Работа во Рим уреди

 
„Персеј со главата на Медузата“

Неговите први дела во Рим биле едно ковчеже, сребрени свеќници и вазна за епископот на Саламанка, за кои бил пофален од папата Климент VII. Друго познато дело од тој период е медаљонот „Леда и лебедот“ изработен по нарачка на гонфалониерот Габриело Чезарино, кој денес се чува во Виена. Продолжил да свири на флејта и бил назначен за дворски музичар на папата.

Челини се истакнал и со својата смелост во служба на папата за време на нападот врз Рим предводен од Шарл III, војводата од Бурбон. Според негово кажување, самиот пукал во оранскиот принц Филибер Шалонски и го ранил,[2] а за време на опсадата на Рим го убил војводата Шарл III. Поради неговиот самопрегор, фиренската управа му го простила престапот[3] и тој набргу се вратил во родниот град. Во Фиренца се посветил на изработката на медали, од кои најпознати се „Херакле и немејскиот лав“ во златна резба и „Атлас како ја држи топката“ во ковано злато. Второспоменатиот медал подоцна завршил во збирката на францускиот крал Франсоа I.

Подоцна Челини заминал за војводскиот двор во Мантова, а по престојот се вратил во Фиренца. По извесно време повторно отишол во Рим, каде изработувал нарачки за накит и калапи за приватни медали и за папската ковачница. Во 1529, брат му Чекино убил подофицер на римската стража, за што бил застрелан од самострелец и потоа умрел од повредата. Набргу потоа Челини му се одмаздил на убиецот на брат му, иако самиот признал дека самострелецот го застрелал брат му во самоодбрана.[4] Подоцна Челини пребегал во Неапол за да ги одбегне последиците од судирот со правникот Сер Бенедето, кого Челини го ранил. Со ургенции кај неколку кардинали, Челини успеал да издејствува помилување. Му се допаднал на новиот папа Павле III, и покрај тоа што во меѓувреме извршил уште едно убиство три дена по смртта на папата Климент VII, пред да го изберат новиот папа. Четвртата жртва бил златарот Помпео од Милано, кој бил негов соперник.[5]

Ферара и Франција уреди

 
Современа реплика на статуа на Персеевиот пиедестал; Лоџија на ланците, Фиренца. Оригиналот е изложен во музејот Барџело во истиот град.

По заговорот на Пер Лујџи Фарнезе, Челини се преселил од Рим во Фиренца, а потоа во Венеција, каде се стекнал со уште поголем углед од порано. На враќање од францускиот двор, на возраст од 37 години, бил уапсен и ставен во затвор под (според него лажно) обвинение за присвојување и малверзација со драгите камења од папската тијара за време на војната. Бил затворен во Ангелската тврдина, од која потоа избегал, но бил фатен и ставен под строги мерки. Прекршокот бил толку голем што секој ден очекувал дека ќе биде погубен. По некое време Челини бил ослободен, благодарение на ургенциите на сопругата на Пјерлујџи и кардиналот на Ферара. За возврат Челини на кардиналот му подарил раскошен пехар.[6]

Потоа Челини нашол работа на дворот на Франсоа I во Фонтенбло и Париз. Меѓутоа, во текот на престојот Челини бил убеден дека војвотката од Етамп е против него и одбил да се смири со омилените дворјани на кралот. Овие непријатели не можел да ги замолчи со оружје, па затоа, по пет години работа проткаена со љубомора и насилство, Челини се вратил во Фиренца. Таму продолжил да работи како златар и му станал соперник на вајарот Бачо Бандинели,[7] кој починал по неколку години, во 1560.

Смрт во Фиренца уреди

За време на војната со Сиена, Челини бил задолжен со засилување на одбраната на родниот град. Иако војводата не покажал особена благодарност за работата, Челини и понатаму побудувал восхит кај сограѓаните поради велелепноста на одбранбените градби што ги конструирал. Бил назначен и за академик на престижната Цртачка академија (Accademia delle Arti del Disegno) основана од војводата Козимо I де Медичи во 1563 под влијание на архитектот Џорџо Вазари. Починал во Фиренца во 1571 и бил погребан на голема свеченост во црквата Сантисима Анунцијата (Пресвето Благовештение). Дотогаш во Фиренца ја издржувал сестра си која останала вдовица и нејзините шест ќерки.

Лични односи уреди

Некои од женските модели на Челини му станувале љубовници, а со една од нив имал и вонбрачна ќерка.[8] По краткотрајниот обид да стане свештеник, во 1562 се оженил за слугинката Пјера Париџи, со која, според него, имал пет деца.

Покрај бракот, Челини бил под обвинение барем трипати за содомија со мажи, и еднаш со жена.

  • на 14 јануари 1523 му било досудено да плати надомест од 12 мери брашно за половите односи со момче по име Доменико ди сер Џулијано да Рипа.[9]
  • За време на престојот во Париз, бил обвинет од поранешен модел и љубовница дека со неа имал односи „по италијански“ (содомија, т.е. анално) [9]
  • Во Фиренца во 1548, Челини бил обвинет од жена по име Маргерита за односи со нејзиниот син Винченцо.[10]
  • 26 февруари 1556, неговиот чирак Фернандо ди Џовани Ди Монтепулчијано го обвинил Челини за присилни содомитски односи на многу наврати.[11] Овојпат му била изречена тешка казна од педесет златни скуди и четири години затвор, олеснети на четири години домашен притвор со ургенција од Медичите.[9]

Кон крајот на животот, во јавна препирка во присуство на војводата Козимо, Бандинели му свикал со зборовите Sta cheto, soddomitaccio! („Замолчи, содомиту ниеден!“). Челини го опишал ова како „ужасна навреда.“[12]

Дела уреди

Статуи уреди

Покрај делата во злато и сребро, Челини изработил и вајарски дела од поголем размер. Најистакнато меѓу нив е бронзената група наречена „Персеј со главата на Медузата“, изработена по предлог на војводата Козимо I де Медичи, а сега сместена во Лоџијата на ланците цо Фиренца. Со ова Челини направил обид да го надмине МикеланџеловиотДавид“ и Донателовата скулптура „Јудита и Олоферн“. Иако наишол на потешкотии при леењето, групата веднаш била прогласено за ремек-дело.

На крајот на 1996, по повеќевековна изложеност на градското загадување , статуата е пренесена во Уфици за чистење и реставрација, што завршило дури во јуни 2000.

Декоративни дела и портрети уреди

 
Челиниевиот соларник, изработен во Париз, 1540–43; Злато, делумно емајлиран, со основа од слонова коска.
 
Портрет на Козимо I де Медичи, припишан на ателјето на Челини
 
Медаљон на папата Климент VII
 
Медаљон на францускиот крал Франсоа I

Меѓу делата на Челини денес повеќе не постојат. Такви се колосалната статуа на богот Марс за фонтана во Фонтенбло, бронзените околувратни елементи, монети на Папската Држава и Фиренца, сребрена статуа на богот Јупитер во природна големина и бронзена биста на Биндо Алтовити. Декоративните дела имаат накитен украсен стил.

Покрај бронзената статуа на Персеј и споменатите медаљони, денес се преостанати следниве негови дела: медаљон на папата Климент VII во чест на склучениот мир помеѓу христијанските владетели во 1530, со биста на папата и фигура на Мирот како пали куп од оружје пред храм на богот Јанус, со потпис од уметникот; потпишан портретен медал на кралот Франсоа I; медал на кардиналот Пјетро Бембо и прочуениот Челиниев соларник (Saliera) од злато, глеѓ и слонова коска, изработен за францускиот крал Франсоа I (денес во Виена). Скулптурата е висока 26 см а на неа се прикажани гол морски бог и жена како седат еден спроти друг со преплетени нозе и ја симболизира Земјата. Во 2003 соларникот бил украден од Уметничкоисторискиот музеј во Виена и повратен од полицијата во 2006. Едно од најважните дела од подоцнежниот творечки живот на Челини е голото распетие изрезбано од мермер во природна големина. Иако направено со намера да стои над неговиот гроб, Челини го продал распетието на Медичите, кои го подариле во Шпанија. Денес стои во манастирот на Ескоријал кај Мадрид, изложено во изменет облик, со обвивка околу бедрата и круна од трње. Работејќи за папската ковачница во Рим за време на Климент VII и Павле III, Челини направил калапи за неколку монети и медали. Некои од нив постојат и денес и стојат изложени во оваа поранешна ковачница. Работел и за првиот фиренски војвода Алесандро де Медичи , по чија нарачка во 1535 изработил монета од 50 солди со биста на војводата на едната страна и светците Козма и Дамјан на другата. Некои познавачи велат дека изработил и неколку плакети, меѓу кои „Јупитер како ги срозува Џиновите“, „Борбата помеѓу Персеј и Финеј“, „Пес“ и др. Постојат и други дела што не се сметаат за сосем негови, туку се припишуваат на неговото ателје.

Изгубени дела уреди

Меѓу поважните дела кои денес повеќе не постојат се потирот наменет за папата Климент VII; златна корица на молитвеник кој бил подарок од папата Павле III за царот на Светото Римско Царство Карло V (обете подробно опишани во автобиографијата); големи сребрени статуи на боговите Јупитер, Вулкан и Марс изработени во Париз по нарачка на Франсоа I; биста на Јулиј Цезар; сребрен пехар за кардиналот на Ферара. Раскошниот златен копец за наметката на Климент VII, заедно со многу други бесценети златни предмети биле предадени од папата Пиј VI како дел од барањата на Наполеон Бонапарт по походот против Папската Држава во 1797. Од нив денес постојат само цртежи во акварел што се чуваат во графичката просторија во Британскиот музеј.

Автобиографија и други дела уреди

Автобиографијата Челини ја започнал во 1558, на возраст од 58 години и нагло ја прекинал пред одењето во Пиза, околу 1563 на возраст од околу 63 години. Во мемоарите тој подробно ја опишува неговата необична кариера и сето она што го сакал и мразел во животот. Делото е напишано во полетен непосреден стил со отворено сексуални искази. Во него се забележува голема самоувереност и вообразеност, напати со неверојатни претерувања. Челини дури со гордост опишува како ги осмислувал убиствата пред да ги изврши. За еден настан во текот на престојот во Париз, Челини пишува:

Кога од правниците добив судски одлуки, увидов дека случајот го изгубив неправедно. Затоа, тргнав да се бранам со голем нож што го носам; отсекогаш ми причинувало задоволство да носам со себе добро оружје. Прво го нападнав обвинителот што ме тужеше; една вечер го ранив во нозете и рацете, но внимавав да не го убијам. Раните беа толку тешки, што го осакатив на двете нозе. Потоа го најдов и другиот што ме даде на суд и на мој начин го натерав да ја повлече тужбата.[13]

Делови од автобиографијата обработуваат неверојатни настани и фантастични појави. На едно место Челини раскажува како во Колосеумот повикал цела војска од ѓаволи, откако една од љубовниците му била одземена од нејзината мајка. На друго место кажува како, додека бил затворен во Рим, на секој изгрев и залез на главата му се појавувал ореол, а на трето објаснува како гледал ангели што го штителе кога бил во неволја . Тврдел и дека го труеле на два наврати.

Наводи уреди

  1. Челини, „Автобиографија“, Книга 1, Гл. XIII
  2. Челини, „Автобиографија“, Книга 1, Гл. XXXVIII
  3. Челини, „Автобиографија“, Книга 1, Гл. XXXIX
  4. Челини, „Автобиографија“, Книга 1, Гл. LI
  5. Челини, „Автобиографија“, Книга 1, Гл. LXXIII
  6. Челини, „Автобиографија“, Книга 2, Гл. II
  7. Челини, „Автобиографија“, Книга 2, Гл. III
  8. Челини, „Автобиографија“, Книга 2, Гл. XXXVII
  9. 9,0 9,1 9,2 I. Arnaldi, La vita violenta di Benvenuto Cellini, Bari, 1986
  10. L. Greci, 'Benventuto Cellini nei delitti e nei processi fiorentini' Archivio di anthroplogia criminale, 50 (1930)
  11. Cinque anni ha tenuto per suo ragazzo Fernando di Giovanni di Montepulciano, giovanetto con el quale ha usato carnalmente moltissime volte col nefando vitio della soddomia, tenendolo in letto come sua moglie (Пет години имал чирак по име Фернандо ди Џовани ди Монтепулчијано, момче кое го користел за чинови на телесни односи и врз кого се изживувал со гнасниот грев содомија, чувајќи го во кревет како да му е жена.)
  12. „Автобиографија“, Книга II, Гл. LXXI
  13. Челини, „Автобиографија“, Гл. XXVIII
  •   Оваа статија вклучуват текст од дело кое сега е во јавна сопственостChisholm, Hugh, уред. (1911). Encyclopædia Britannica (11. изд.). Cambridge University Press. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: ref=harv (link)

Надворешни врски уреди

 
Викицитат има збирка цитати поврзани со: