Бегалка (или Ленче Кумановче) — драма во пет чина од македонскиот драмски писател Васил Иљоски. Дејството се случува во првата деценија на XX век во Куманово и ги претставува патријархалните и конзервативни односи во семејствата во тој период.[1]

Насловната страна на пиесата печатена од Државното книгоиздателство на Македонија во 1950 г.

Дејство уреди

Дејството во пиесата ја прикажува љубовта на убавата Ленче која била таксана за Досе, син на богат трговец. Но, таа била вљубена во младиот занаетчија Бошко. Тој бил убав и не ѝ пречело што е сиромав. Бидејќи нејзиниот татко, Аџи-Трајко, се спротивставувал на нејзината желба, таа одлучила како бегалка да живее со Бошко. Таткото бил скршен, немоќен и чувствувал голем срам и бес затоа што бил погазен неговиот збор и токму поради тоа се плашел да ѝ прости. Во тоа време бил голем срам, мома да се мажи на своја рака. Сепак, прочуениот чорбаџија Аџи-Трајко, за да ја одбрани честа на ќерка му и да го спаси семејството, по многу негодувања, на крајот морал да ја прифати љубовта на Ленче кон Бошко.

Приказот на темата во пиесата преку градбата на драмското дејство со постојана испреплетеност на настани, кои се движат од комични кон трагични и обратно, овозможува таа да е актуелна и денес.

Авторот за делото уреди

Самиот автор објаснува дека пиесата ја напишал за народот, за широките народни слоеви, со особено настојување на сите да им биде поблиска и разбирлива. Во неа ја прикажува борбата против надживеаните и штетни традиции, обичаи и општествени стеги, како и жртвувањето за народот, за општото добро и напредокот, трагиката на животните тешкотии, времето на социјалните судири и на економските кризи. Според Иљоски, народот сакал на сцената да види победа на вистината над лагата, на доброто над злото, победа на социјалната правда и човечноста.

Театарска изведба уреди

 
Плакат за претставата „Ленче Кумановче“ во Народниот театар „Крал Александар I“ (денес МНТ) во 1936 г.

За првпат пиесата била изведена во 1928 година на сцената на Скопскиот театар, на кумановски говор, а потоа набргу била симната од репертоарот и забранета. Повторно, премиерно е прикажана на 15 декември 1936 година, овојпат под наслов „Ленче Кумановче“. До крајот на театарската сезона истата година, претставата била прикажана 12 пати и ја гледале 6.136 гледачи.

Ликови во драмата се:

  • АЏИ-ТРАЈКО, богаташ, лихвар
  • ВЕЛИКА, негова жена
  • ЛЕНЧЕ, нивна ќерка
  • ДОНКА, нивна слугинка
  • МИРСА, Трајкова сестра
  • БОШКО, млад занаетчија
  • ЕВРА, негова мајка
  • СТОЈКО, богат трговец
  • ДОСЕ, негов син
  • ТРЕНДО, бозаџија
  • МИТРЕ, занаетчија, мајстор
  • ТРИПКО, занаетчија, стар калфа
  • САНКО, занаетчија, калфа
  • МАНАС, бивш црковен пцалт
  • ПЕТКО, слеп просјак
  • ШИШКО, меанџија
  • ЕКРЕМ-АГА
  • MOMЦИ, ДЕВОЈКИ, НАРОД, СВИРАЧИ, 3АПТИИ, ЧАУШ

Поврзано уреди

Надворешни врски уреди

Наводи уреди