Александар Поуп (роден на 21 мај 1688 во Лондон — починал на 30 мај 1744 во Лондон) — англиски поет од XVIII век, најпознат по неговите сатирични стихови и преводот на Хомер. Тој е третиот по ред најцитиран писател во Речникот на цитати на Оксфорд по Вилијам Шекспир и Алфред Тенисон.[3] Поуп е познат и по неговата употреба на херојскиот куплет.

Александар Поуп
Александар Поуп (c. 1727),
Роден/а21 мај 1688(1688-05-21)
Лондон
Починат/а30 мај 1744(1744-05-30) (возр. 56)
Лондон
ПочивалиштеЦрква Света МАрија
Занимањепоет
Потпис
Портрет од Александар Поуп (1716)[1]
Портрет од Поуп [2]

Живот уреди

Поуп бил син на Едит Поуп (1643 — 1733) и Александар Поуп Постариот (1646 — 1717), кој бил трговец со лен од Плоу Корт на улицата Ломбард во Лондон, и двајцата биле римокатолици.[4]. Врз образованието на Поуп влијаел тогашниот Кривичен закон, кој го бранел статусот на тогаш воспоставената Црква на Англија, а не им дозволувал на католиците да бидат учители, да одат на универзитет, да имаат право на глас или да бидат носители на јавна функцијa. Неговата тетка го учела да чита[4]. Потоа во 1698–1699 заминал во училиштето Твифорд. Потоа отишол во две католички училишта во Лондон.[4] Such schools, while illegal, were tolerated in some areas.[5]. Ваквите училишта, иако илегални, во некои региони биле толерирани.

Во 1700 година, неговата фамилија се преселила на мал имот кај Поупсвуд во Бинфилд, Беркшир во близина на кралската шума Виндсор[4]. Ова се должело на силниот антикатолицизам и статутот кој не им дозволувал на католиците да живеат поблиску од 10 милји (16 км) до Лондон или Вестминстер[6]. Подоцна Поуп ја опишал селската околина во својата поема „Шумата Виндсор[7]. Тогаш завршило формалното образование на Поуп и од тогаш па натаму тој самиот се образовал со читање на класичните писатели како сатиристите Хорациј и Јувенал, епските поети Хомер и Вергилиј, и англиските автори како Џефри Чосер, Вилијам Шекспир и Џон Драјден[4]. Исто така, учел многу јазици и читал дела од англиски, француски, италијански, латински и грчки поети. По пет години учење Поуп дошол до контакт со личности од Лондонското литературно друштво како Вилијам Вишерли, Вилијам Конгрив, Семјуел Гарт, Вилијам Трамбул и Вилијам Волш[4][5].

Во Бинфилд создал пријателства со многу важни личности. Едниот од нив, Џон Керил (идниот почитувач на „Грабнување на праменот“) бил дваесет години повозрасен од Поуп и имал повеќе познаници во лондонскиот литературен свет. Тој им го претставил младиот Поуп на веќе постариот драматург Вилијам Вишерли и на Вилијам Волш, не толку голем поет, кој му помогнал на Поуп да го ревидира своето прво големо дело „Пастири“. Таму ги сретнал и сестрите Блаунт, Тереза и (наводно неговата идна љубовница) Марта, кои му станале доживотни пријатели.[5]

Од својата дванаесетта година тој страдал од бројни здравствени проблеми како болеста пот (вид на туберкулоза која ги напаѓа коските), која му го деформирала телото и му го стопирала растот, оставајќи го со тешка грпка. Неговата инфекција од туберкулоза создала и други здравствени проблеми, вклучувајќи проблеми со дишењето, висока температура, воспаление на очите и стомачни болки[4]. Никогаш не бил повисок од 1.37 метри. Поуп веќе бил отстранет од општеството бидејќи бил католик и неговото слабо здравје уште толку го отуѓило. Иако никогаш не се оженил, тој имал многу пријателки на кои им пишувал духовити писма. Но, наводно имал една љубовница, неговата доживотна пријателка Марта Блаунт.[5][8][9][10].

Рана кариера уреди

Во мај 1709 година неговото дело „Пастири“ било издадено во шестиот дел на Тонсоновите Poetical Miscellanies. Ова придонело за брза слава на Поуп. Следувал и „Есеј за критиката“, објавен во мај 1711 година, кој бил подеднакво добро прифатен.

Околу 1711 година Поуп се спријателил со торијанските писателите Џон Геј, Џонатан Свифт, Томас Парнел и Џон Арбуртнот, кои заедно го формирале сатиричниот клуб Скриблерус. Целта на овој клуб била да ги сатиризира неучтивоста и педантеријата во форма на фикцискиот учен Мартинус Скриблерус. Тој исто така создал пријателство со виговите писатели Џозеф Едисон и Ричард Стил. Во март 1713, поемата „Шумата Виндзор“ била објавена и имала голем успех[5].

Следна позната поема на Поуп била „Грабнувањето на праменот“ прво објавена во 1712, а потоа ревидирана верзија во 1714. Оваа поема понекогаш се смета за најважна бидејќи била сатиричен и херојски еп напишан за да ја исмејува кавгата од високото општество помеѓу Арабела Фермор (во поемата Белинда) и Лорд Петр, кој пресекол прамен од нејзината коса без таа да му дозволи. Во својата поема тој ги третира своите ликови во епски стил. Кога баронот ја краде нејзината коса и таа пробува да си ја врати назад, праменот полетува и се претвора во ѕвезда[5].

За врема на пријателството со Џозеф Едисон, Поуп сорабатува со него на наговата драма Като, а пишува и за списанијата Гардијан и Спектејтор. Околу ова време Поуп почнал да ја преведува Илијада, што било макотрпна работа. Објавувањето започнало во 1715 година и не завршило сè до 1720[11].

Во 1714 година со смртта на кралицата Ана и спорот помеѓу Хановерците и Јакобитите, политичката ситуација се влошила водејќи до обид за Јакобитската побуна во 1715 г. Иако можеби се очекувало од Поуп како католик да ги поддржи Јакобитите, поради неговите религиски и политички афинитети, според Мејнард Мек „на која страна беше Поуп во врска со овие збиднувања можеби никогаш нема да се разјасни“. Овие настани довеле кон пресврт во среќата на Торијците, а пријателот на Поуп, Хенри Сент Џон Први Висконт на Болингброк, побегнал во Франција.

Творештво уреди

Есеј за критиката уреди

 
Мавсон Армс

Есеј за критиката“ прво бил издаден анонимно на 15 мај 1711 г. Поуп започнал да ја пишува поемата во почетокот на својата кариера и му биле потребни три години да ја заврши.

Во времето кога е објавена поемата, стилот херојски заплет (на кој била напишана) бил умерено нов жанр на поезија, и најамбициозно дело на Поуп. „Есеј за критиката“ бил проба за идентификување и насочување на неговите сопствени ставови како поет и критичар. За поемата се велело дека е одговор на тековна дебата за прашањето дали поезијата треба да биде природна или пишувана според предвидените измислени правила наследени од класичното минато[12].

Поемата започнува со дискусија за стандардните правила кои ја управуваат поезијата според кои критичарот пренесува мислење. Поуп коментира за класичните автори кои се занимавале со такви стандарди и авторитетот за кој тој смета дека треба да им се припише ним. Тој заклучува дека правилата од антиката се идентични со правилата на природата и спаѓаат во категоријата на поезија и сликарство кои исто како религијата и моралот ги одразуваат природните закони.

Поемата е намерно напишано нејасна и е исполнета со противречности. Поуп признава дека правилата се неопходни за творење и критика, но дава важност на мистериозните и ирационалните квалитети на поезијата.Тој расправа за законите кон кои еден критичар треба да се придржува додека критикува поезија и посочува дека критичарите имаат важна улога во помагањето на поетите за нивните дела, спротивно на тоа дека треба да ги напаѓаат[13].

Во последниот дел од „Есеј за критиката“ се разгледуваат моралните квалитети и доблести својствени за идеален критичар за кој Поуп тврди дека е и идеален човек.

Превод на Илијада уреди

Уште од детството Поуп бил фасциниран од Хомер. Во 1713 година ги највил своите планови за објавување на превод на Илијада. Делото би било достапно преку претплата со објавување на еден том годишно во текот на шест години. Поуп обезбедил револуционерен договор со издавачот Бернард Линтот, кој му довел приход од двесте гвинеи за секој издание, навистина многу голема сума.

Неговиот превод на Илијада се појавил помеѓу 1715 и 1720 г. Бил признаен од Семјуел Џонсон како „изведба со која ниедна доба ни нација не би можела да се мери“ (иако класичниот учен Ричард Бентли напишал: „тоа е убава поема, г. Поуп, но не смеете да ја наречете Хомер“).

Твикенхeм и Грото уреди

Парите кои ги заработил од преводот на Хомер му овозможиле на Поуп да се пресели во вила во Твикенхем во 1719 г., каде што ги создал денес познатите грото и градини. Поуп го декорирал гротото со алабастер, мермер, руди, како мундик, и кристали. Тој исто така користел Корнски дијаманти, сталактити, расфрлани камења, змиски камења и морски камења. Бројни огледала, коишто биле скап луксуз во Августовската доба, исто така биле поставени насекаде низ гротото. Camera obscura била поставена за задоволство на посетителите, кои ги имало во голем број. Откривањето на извор за време на ископувањето на теренот овозможило подземното повлекување да биде исполнето со релаксирачки звуци на процедувачка вода, која што тивко одекнувала околу домот. Се зборва дека Поуп рекол “Уште Нимфи да имаше, сè ќе беше комплетно.“ Иако куќата и градините веќе долго време се руинирани, поголемиот дел од гротото сè уште постои. Гротото сега се наоѓа веднаш под Независното училиште „Св. Џејмс“ и е отворено за јавноста еднаш годишно[8][14].

Превод на Одисеја уреди

Охрабрен од успехот на Илијада, Поуп ја превел и Одисеја. Преводот се појавил во 1726, но сега тој се соочил со тешкотии и ја побарал помошта од Вилијам Брум и Елајџа Фентон. Поуп се обидел да го сокрие степенот на соработка (самиот тој превел само дванаесет книги, додека Брум превел осум, а Фелтон четири[15]), но тајната излегла на виделина. Лагата го оцрнила угледот на Поуп некое време, но не и неговиот профит.[16].

Едиција на делата од Шекспир уреди

Во овој период Поуп бил ангажиран од страна на издавачот Јакоб Тонсон да произведе ново опсежно издание на Вилијам Шекспир. Кога конечно се појавило во 1725 година, ова издание нечујно ја „регулирало“ Шекспировата стапка, каде Поуп дури и го преправил шекспировиот стих на неколку места. Поуп деградирал околу 1560 стиха шекспиров материјал во фусноти, тврдејќи дека биле „претерано лоши“ и дека никогаш не би ги напишал. (Други стихови биле целосно отфрлени од изданието). Во 1726 година Луис Теобалд, кој бил адвокат и поет, објавил памфлет со скечови наречен „Реставриран Шекспир“, кој ги навел грешките во делото на Поуп и предложил повеќе ревизии на текстот. Поуп и Теобалд најверојатно биле добри пријатели и Поуп без сомнежи го разбрал ова како прекршок на законите на пријателство.

Во 1728 година, било објавено второ издание од Поуповиот Шекспир, но иако биле направени некои мали ревизии на предговорот, се чини дека Поуп немал никаква врска со нив. Многу подоцна, уредниците од XVIII век го отфрлиле креативно- мотивираниот однос на Поуп кон текстуалната критика, но неговиот предговор сè уште бил високо ценет. Се тврдело дека текстовите на Шекспир биле премногу „загадени“ од изведбата на глумците и тие ќе влијаат на уредниците во поголемиот дел на XVIII век.

Подоцнежна кариера: „Есеј за човекот“ и сатири уреди

Иако „Глупакот“ прво била објавена анонимно во Даблин, авторството никогаш не било ставено под сомеж. Мек го нарекол ова издание „ најголемиот чин на безумие во животот на Поуп“. Иако било ремек дело, создало „горчливо овошје“. На поетот му донело многу непријателства од страна на неговите жртви и нивните симпатизери, кои му навеле секакви клевети и лаги.... “ Заканите биле исто така и физички. Како што велела неговата сестра, Поуп никогаш не излегувал на прошетка без неговото куче од расата германска дога, и два наполнети пиштоли во џебот.

Во 1731 година Поуп го објавил неговото „Послание за Барлингтон“, на тема на архитектурата. Прва од четирите поеми кои подоцна ќе бидат групирани под насловот „Есеи за моралот“ (1731 – 1735 година). Во посланието Поуп се исмејува на лошиот вкус на аристократот „Тимон“. Непријателите на Поуп тврделе дека го напаѓал војводата од Чендос и неговиот имот Кенонс. Иако нападите не биле точни, на Поуп му направиле голема штета.

Во ова време Поуп почнал да станува незадоволен од министерувањето на Роберт Волпол, и се приближил кон опозицијата предводена од Болингбрук, кој се вратил во Англија во 1725 година. Инспириран од филозофските идеи на Болингбрук, Поуп го напишал делото „Есеј за човекот“ (1733 – 1734 година). Првиот дел го објавил анонимно со зајадлив и успешен трик за да добие пофалби од неговите најжестоки критичари и непријатели.

И покрај тоа што „есејот“ бил пишуван во херојски дистих, многуте преводи на европските јазици, особено на германски, го сметале за сериозен придонес во филозофијата.

Во периодот од (1733 – до 1738 година) следат имитации на Хорациј. Овие биле пишувани во популарната августовска форма на имитација на класичен поет, но не биле потполен превод на неговите дела, туку обновување со современи наводи. Поуп го употребил моделот на Хорациј да го сатиризира животот под владеење на кралот Џорџ II, особено затоа што сметал дека е широко распространета корупцијата што ја имало во државата под влијание на Волпол и сиромашниот вкус на судот за артистите.

Поуп како вовед на „Имитациите“ ја додал целосно оригиналната поема „Псалм“ за Докторот Арбутнот. Оваа поема ја прикажува неговата кариера и ги содржи познатите портрети на Лорд Херви („Спорус“) и Едисон („Атикус“). Во 1738 година ја напишал „Универзален молител“.

По 1738 година Поуп пишувал помалку. Си играл со идејата да компонира патриотски еп во празен стих наречен Брут, но останале само почетните стихови. Негова главна окупација во овие години било ревидирањето и проширувањето на ремек делото „Глупакот“. Книга четири се појавила во 1742 година, а комплетна ревизија на книгата во следната година. Во оваа верзија Поуп го заменил „херојот“ Луис Теоблат со поетот лауреат Коли Кибер како „крал на глупавите“. До тогаш здравјето на Поуп, кое никогаш не било добро, попуштило и тој починал во неговата вила опкружен од пријателите на 30 мај мај 1744 година. Претходниот ден Поуп повикал свештеник и ги примил последните молитви од католичката црква. Тој почива во црквата „Дева Марија“ во Твикенхем.

Есеј за човекот уреди

„Есеј за човекот“ е филозофска поема напишана во херојски дистих и била објавена помеѓу 1732 и 1734 година. Поуп имал намера ова дело да биде центар на предложениот систем на етика кој би бил поставен како поетска форма. Поуп сакал ова дело да го прошири, но не доживеал да го доврши[17].

Есеј за човекот“ е обид да се оправдаат патиштата на Бог за човекот, и дека човекот не е центар на нештата. Овој есеј не е целосно христијански, но сепак дава претпоставка дека луѓето паднале и мораат да си го бараат својот спас[17].

„Есеј за човекот“ е составен од четири псалми кои се однесуваат на лорд Белингброук. Поуп го презентира својот поглед кон универзумот; вели без оглед на тоа колку несовршен, комплексен, необјаслив и вознемирувачки е универзумот, тој рационално функционира според природните закони. Природните закони го сметаат универзумот како целосно, совршено дело на Господ. За луѓето претставува зол и несовршен во секој поглед, но сепак Поуп издвојува дека ова се должи на нашето ограничено размислување и интелектуалниот капацитет. Поуп дава порака дека луѓето мора да ја прифатат нивната положба во „големиот синџир на постоењето“, кој е во средишна фаза помеѓу ангелите и ѕверовите од земјата. И ако сме способни да го оствариме ова, тоа ќе не доведе до среќен и доблесен живот[17].

„Есеј за човекот“ е афирмативна поема за судбината; животот изгледа хаотичен и збунувачки за човекот кога е тој во центарот, но според Поуп тој е божествено нареден.

Во светот на Поуп, Господ постои и околу него се врти универзумот со цел да има закон и структура. Ограничената интелигенција на човекот може да прима само ситни делови од овој ред и може да искуси само делови од вистината и човек мора да се потпре на надежта која води кон верба. Човекот мора да биде свесен за неговото постоење во универзумот и што придонесува за него во смисла на богатство, моќ и слава. Должност на секој човек е да се стреми да биде добар без оглед на другите ситуации. Ова е пораката на Поуп која сака да ја пренесе на читателот[18].

Критика на делата од Поуп уреди

Поуп починал како најголемиот поет од неговото време. Сепак во средината на XVIII век почнала да се појавува нов вид на поезија. Една деценија по смртта на Поуп, Џозеф Вартон тврдел дека стилот на Поуп не бил најсовршена форма на уметност. Романтизмот кој се издигнал во раниот XVIII век во Англија бил повеќе амбивалентен кон неговите дела. Лорд Бајрон го идентификувал Поуп како главно влијание. Вилијам Вордсворд сметал дека стилот на Поуп е премногу декадентен за да може вистински да се претстави човечката состојба.[5].

Во XX век имало успешен обид за оживување на угледот на Поуп. Тогаш делата на Поуп биле најдени со многу наводи за луѓето и местата од неговото време и тоа помогнало за разбирање на минатото. Поствоениот период ја нагласил моќта на поезијата на Поуп и задлабочувањето во библиската и христијанската култура и дала длабочина на неговата поезија. Мејнард Мек имал високо мислење за поезијата на Поуп. Во периодот од 1953 – 1967 година конечното Твикенхејм издание било објавено во десет тома[5].

Последните децении од XX век носат и други предизвици на литературното реноме на Поуп. Овие критики биле предочени од теоретски перспективи како што се марксизмот, феминизмот и други форми на пост-структурализмот. Хенси Хамонд се фокусирал на Поуповото единечено достигнување за правење на независното живеење единствено од неговото пишување. Моника Браун во делото „Александар Поуп“ (1985 година) го користи марксистичкиот приод и го обвинува Поуп дека станал апологист за повисоките класи. Една година по студиите на Браун, Бреан Хамонд објавил студија за Поуп инспириран од културниот материјализам во британски контекст и американскиот нов хисторицизам. Следејќи го Хамодовиот пристап, Рејмонд Вилијамс ја објаснува уметноста повеќе како збир практики под влијание од странските културни фактори отколку само нејасни идеи на генијалецот.

Во „Политика и поетика на трансгресија“ (1985 година) Питер Сталибрас и Алон Вајт тврдат дека Поуп бил привлечен од ниската култура која ја презирал со цел да создаде сопствена „висока“ уметност. Тие тврдат дека Поуп бил имплициран во самото материјално кое се обидувал да го исклучи, мислење кое не е многу далечно од аргументите на современиците на Поуп.

Феминистите исто така ја критикуваат работата на Поуп. Делото „Поетика на сексуалниот мит“ на Елен Полак (1985 година) расправа дека Поуп следел една анти-феминистичка традиција. Полак верува дека Поуп ги смета жените за интелектуално и физички инфериорни во однос на мажите. Но, во одбрана на Поуп, треба да се каже дека тоа е генералното гледиште на неговото време. Каролин Вилијамс ја идентификува кризата на улогата на мажот во текот на 18 век во Британија и дискутира за нејзиното влијание врз Поуп, како и на неговото пишување.

Дела уреди

  • 1709: Пастир
  • 1711: Есеј за критиката
  • 1712: Грабнување на праменот
  • 1713: Шумата Винздор
  • 1715- 1720: превод на Илијада
  • 1717: Елоиза за Абелард
  • 1717- Три часа по бракот, (и други)
  • 1717: Елегија во спомен на несреќната дама
  • 1723- 1725: Делата на Шекспир, ( во шест тома)
  • 1725- 1726: Превод на Одисеја
  • 1727: Пери Батхоус, или уметноста на тонење во поезијата
  • 1728: Глупакот
  • 1733-1734: Есеј за човекот
  • 1735: Пролог за сатирите ( види Псалм за д-р Арбутнот и Кој крши пеперутка на тркалото?)

Наводи уреди

  1. Portrait of Alexander Pope (1688-1744). Historical Portraits Image Library. Retrieved 1 January 2017.
  2. „National Portrait Gallery - Portrait - NPG 299; Alexander Pope“. npg.org.uk.
  3. Dictionary of Quotations (1999)
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 4,6 Erskine-Hill, DNB
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 5,4 5,5 5,6 5,7 'Alexander Pope', Literature Online biography (2000)
  6. "An Act to prevent and avoid dangers which may grow by Popish Recusants" (3. Jac. 1, v). For details, see Catholic Encyclopedia, "Penal Laws".
  7. Pope, Alexander. Windsor-Forest. Eighteenth-Century Poetry Archive (ECPA).
  8. 8,0 8,1 Gordon (2002)
  9. 'Mount', Britannica (2009)
  10. The Life of Alexander Pope, by Robert Carruthers, 1857, with a corrupted and badly scanned version available from Internet Archive, or as an even worse 23MB PDF. For reference to his relationship with Martha Blount and her sister, see pp.64–68 (89th and following pages of the PDF). In particular, discussion of the controversy over whether the relationship was sexual is described in some detail on pp.76–78.
  11. Clegg, Gillian. „Chiswick History“. People: Alexander Pope. chiswickhistory.org.uk. Архивирано од изворникот на 2011-09-20. Посетено на 16 March 2012.
  12. Rogers (2006)
  13. Baines (2001)
  14. London Evening Standard 2 November 2010
  15. Fraser, George (1978). Alexander Pope. Routledge. стр. 52.
  16. Damrosch, Leopold (1987). The Imaginative World of Alexander Pope. University of California Press. стр. 59.
  17. 17,0 17,1 17,2 Nuttal (1984)
  18. Cassirer (1944)

Надворешни врски уреди

 
Викицитат има збирка цитати поврзани со: