Ала или хала (множина: али, але или хали) — митско суштество кое се јавува во македонскиот, српскиот и бугарскиот фолклор. Алите се сметаат за демони на невремето чија главна цел е да ги водат облаците што носат град кон нивите, лозјата или овоштарниците со цел да ги уништат или украдат плодовите. Алите се мошне алчни и особено сакаат да јадат деца, иако нивната лакомост не е ограничена само на земјата. Се верува дека со нивните обиди да ги изедат сонцето и месечината го предизвикуваат затемнувањето на овие небесни тела. Доколку успеат, тоа би значело крај на светот. Кога човек ќе се сретне со алата, неговото ментално или физичко здравје, па дури и животот му е изложен на опасност. Меѓутоа, човекот може да ја добие нејзината благонаклоност доколку ѝ пристапи со почит и доверба. Добрите односи со алата се навистина корисни, бидејќи таа ги збогатува нејзините љубимци и им помага кога се во неволја.

За земјоделците, алата претставувала демон кој носи невреме и град над нивите и ги уништува плодовите.

На некои места од фолклорните записи алите се често нејасно опишани и постојат доста разлики во описите. Алата може да е претставена како црн ветер, огромно суштество со неодреден облик, чудовиште со огромна уста во облик на човек или змија, жена-змеј, гавран, итн. Во одредени описи, алите можат да се преобразат во човек или животно, па можат дури и да го опседнат човековото тело. Овие разлики најверојатно се должат на фактот дека алата е синтеза помеѓу словенскиот демон на невремето и сличен демон на пред-словенското население кое живеело во централниот дел на Балканот.[1] Во народните приказни каде што алата е претставена како човек, нејзината личност е неверојатно слична на руската Баба Јага. Се смета дека алите живеат во облаците или пак во езерата, изворите, таинствените далечни места, шумите, ненаселените планински места, пештерите или големите дрва.[2] Алите често се непријатели со луѓето, но и тие имаат моќни непријатели кои можат да ги уништат, а тоа се пред сè змејовите. Во приказните со христијанско влијание, Св. Илија ѝ е непријател на алата. Меѓутоа, според некои верувања, св. Илија и змејот заедно се борат против алата. Орлите исто така се сметаат за заштитници од алите. Тие ги бркаат од нивите, со што го спречуваат уништувањето на плодовите.

Потекло уреди

Додека некои митолошки битија се заеднички за сите словенски етнички групи, алите се јавуваат само во бугарскиот, македонскиот и српскиот фолклор. Сепак, и кај другите словенски народи постојат демони на невремето. Кај источните словени овој демон е наречен Баба Јага. Таа е претставена како жена со огромен раст, голем нос, железни заби и испакната брада. Се верувало дека јаде деца и дека нејзиното присуство носи невреме и студ. Терминот баба е присутен во обичаите, верувањата и топонимите на сите словенски народи, најчесто како персонификација на ветерот, темнината и дождот. Поради ова, некои специјалисти веруваат дека постоело прасловенско божество или демон наречен Баба, кој бил поврзан со невремето.

Во некои изрази за невремето кај Јужните Словени, кои најчесто се употребуваат во рана пролет, се задржани и траги од таквиот демон (Баба Марта, бабини јарци, бабине хуке). Овие верувања биле донесени со доселувањето на словените на Балканот и се измешале со верувањата на домородните народи, што конечно придонело во развање на поимот ала. Предсловенското балканско потекло на поимот ала е поврзано со влва, што кај Власите во Србија било име за женски демони на невремето кои, исто како и алите, ги откорнувале дрвата и носеле облаци над нивите за да ги уништат плодовите. Грчкиот женски демон Ламја може исто така што придонел во развањето на поимот ала. Исто како и алите, таа е ненаситна и јаде мали деца. Во јужна Србија и Македонија, ламја е синоним за ала. Во Бугарија алата и ламјата се две различни суштества, но и покрај тоа имаат многу слични особини. Многубројните разлики во обликот на алата како што се обликот на животно, полуживотно и човек, докажуваат дека верувањата во овие демони не биле насекаде исти.

Потекло на поимот уреди

Името на овој демон во стандардниот српски јазик доаѓа од дијалектот кој ја изгубил фонемата х, додека името хала е забележано во српскиот дијалект кој го задржил овој звук, и во бугарскиот јазик. Поради ова, се верува дека првобитното име го содржело звукот х на почетокот на зборот. Српскиот специјалист Љубинко Раденковиќ поради ова го отфрлува етимолошкото толкување дадено во неколку речници, вклучувајќи го и речникот на Српската академија на наука и уметности, во кој името на овој демон потекнува од турскиот збор «ала» (змија), затоа што во овој збор е отсутна фонемата х. Од друга страна, името може да потекнува од грчкиот збор кој означува град, χάλαζα (се изговара: халаза). Ова етимолошко толкување е дадено како предлог од страна на бугарскиот специјалист Иваничка Георгиева, а е прифатено од српските специјалисти Слободан Зечевиќ и Сретен Петровиќ. Според српскиот специјалист Марта Бјелетиќ, зборовите ала и хала потекнуваат од именката *хала во прајужнословенскиот јазик, дијалект на прасловенскиот јазик од кој произлегле јужнословенските јазици (х во хала претставува безвучен веларен фрикатив). Оваа именка е изведена од прасловенскиот корен *хал-, кој означува невреме, олуја, бес и слично.

Изглед уреди

Не постои единствен и јасен концепт за изгледот на алата, иако таа е најчесто претставена како демон на ветерот, невремето и облаците што носат град. Во пределот Гружа во централна Србија се верува дека алата е невидлива, но може да се чуе нејзиното силно фучење кое одекнува пред темните облаци кои носат град. Во Бугарија селаните во темните облаци виделе силуета на страшна ала со огромни крила и голема опашка во облик на сабја. Кога над селото ќе се појавел облак на алата, селаните гледале нагоре со надеж дека ќе видат орел крстач на небото. Тие верувале дека моќната птица со крст на грбот може да го протера облакот на алата од нивите. Србите во Косово верувале дека алата го спушта нејзиниот опаш на земјата, а главата ја крие во облаците. Оној кој ќе ѝ ја видел главата, веднаш полудувал. На релјефот што се наоѓа над прозорот на црквата во манастирот Високи Дечани е прикажан орел како ја зграпчува змијоликата ала додека едно мало орле набљудува. Според еден опис од источна Србија, алата е огромно суштество со тело на змија и глава на коњ. Многу луѓе веруваат дека алата му е сестра на змејот и дека во основа личи на него. Во една магија од источна Србија, алата е претставена како триглава змија:

У једна уста носи виле и ветрови,
друга уста – издат и зле болести,
трећа уста – учинци, растурци.

Во една уста носи вили и ветрови
во втората уста- немоќ и зли болести,
во третата уста- магии, клетви.

Во областа Бољевац, алата е опишана како црно и страшно суштество во облик на ветер. Слично како во Бољевац, и во пределот Хомоље во источна Србија алата ја замислуваат како црн ветер кој се движи над земјата. Каде и да стапне се создава виор прашина и вител, а оние кои ќе се изложат на виорот полудуваат. И во Бугарија алата е претставена како силен ветер кој собира сè на патот и зад себе остава пустош:

Излезнаха до три люти хали,
Девет години що се духали.

Излегоа три лути али,
Девет години што ќе дуваат.

Според верувањата од областа Лесковац, алата е чудовиште со огромна уста кое во раката држи дрвена лажица со која граба/собира и јаде сè што ќе ѝ се најде на патот. Една приказна раскажува за тоа како некој човек чувал ала во својата штала. Таа пиела триесет литри млеко на ден. Во друга приказна пак алите се преобразувале во дванаесет гаврани кои ги краделе плодовите од лозјата. Во источна Србија се верувало дека алите можат да се преобразат во човек или животно, по што можеле да ги препознаат само таканаречените шестаци- луѓе со шест прсти на двете раце и на двете нозе. Кога ќе влезел шестакот во куќата на човекот во кој се преобразила алата, таа правела куќата да се тресе. Според верувањата во пределот Хомоље, алите кои ја напаѓаат месечината имаат способност и да го менуваат својот облик од двоглава змија во човек со шест прсти кој држи железна вила, или пак во човек со млад црн бик, дива свиња или црн волк покрај себе.

Влијание врз луѓето уреди

Алите пред сè ги уништуваат плодовите на нивите, лозите и овоштарниците, најчесто во првата половина на летото кога созреваат житните растенија. Исто така се верува дека алите ги „пијат“ или ги ставаат плодовите во своите огромни уши и потоа ги носат на друго место, со што некои села се збогатуваат, а некои остануваат сиромашни. Според ова, причината што областа Александровац во централна Србија е толку плодна е токму фактот дека таму алите го носеле својот плен. Луѓето од планината Копаоник верувале дека локалната ала ги штитела плодовите на местото на кое живеела од други али. Ако град ги уништил плодовите на едно место, се верувало дека дошла ала од друго место, ја поразила локалната ала и ги „испила плодовите“. Алите можат да покријат цели ниви и да го спречат созревањето на плодовите, или пак да ја проголтаат плодноста на земјиштето и да го испијат млекото од овците, особено кога грми. Алите исто така имаат и огромна сила. Кога ќе виделе откорнато дрво после невреме, луѓето верувале дека тоа алата го сторила. Кога ќе насетеле дека се наближува невреме, луѓето не седеле со скрстени раце, туку токму напротив, употребувале магии. Во областа Поморавје, за ваквите магии се користеле билки кои се береле покрај реките и на оние места на нивата каде што плугот врти за време на орање. Овие места се сметале за нечисти затоа што алите ги посетувале. Во народните магии во источна Србија, на алите им се обраќале со одредени женски имиња како: Смилјана, Калина, Магдалена, Добрица, Драгија, Загорка, итн. Изразот „маате палетинке“ кој служел за обраќање на алата, има неодредено значење. Една од магиите која луѓето ја користеле кога ќе забележеле облаци со град, во која јасно се спомнува алата и се кажувала гласно во насока на облаците е:

Alo, ne ovamo, putuj na Tatar planinu!

Ало, не ваму, оди на Татар планина!

Уште една магија која ја кажувала волшебничка за време на соодветен ритуал е:

Не, ало, овамо,
овамо је грђа ала гологлава.
У планину, облаче,
где петао не пева,
где пас не лаје,
где краве не ричу,
где овце не блеје,
где се слава не слави.

Не доаѓај ало ваму,
овде живее погрда гологлава ала.
На планината облаче,
тука петелот не пее,
тука песот не лае,
тука кравите не мукаат,
тука овците не блеат,
тука слава не се слави.

Доколку не му се обрателе јасно на одреденото суштество, не можеле со сигурност да знаат на кое суштество ќе делува магијата, затоа што имало и други натприродни суштества за кои се верувало дека се поврзани со градот и поројните дождови. На пример, според еден обичај, кога ќе се забележело како надоаѓа невреме, луѓето изнесувале маса пред куќата и на неа ставале леб, сол, нож со црна навлака и секира со остриот крај насочен кон небото. Според друг обичај на масата се ставала пирустија со нозете насочени кон небото, ножеви, виљушки и остаток од свеќата од слава.

Уште една особина на алата е нејзината алчност. Во областа Лесковац, луѓето ја замислувале како чудовиште со огромна уста и дрвена лажица во раката со која земала и јадела сè што ќе ѝ наиде на патот. Според некои верувања, алите грабнувале деца и ги јаделе во нивните живеалишта, кои биле полни со коски од деца и крв. Возрасните луѓе поретко ги напаѓале и јаделе. Човек не можел да се скрие од нив затоа што можеле да го намирисаат.

Луѓето во источна и јужна Србија верувале дека алите, поради својата алчност ги напаѓале и сонцето и месечината. Со постепеното јадење на овие небесни тела, тие го предизвикувале нивното затемнување. Алата го гризела сонцето со што предизвикувала тоа да крвари, а оттука и црвената боја на сонцето за време на затемнувањето. Повраќањето на својот сјај значело дека сонцето ја победило алата. Дамките на месечината се сметале за рани предизвикани од алата. Додека алите ги јаделе сонцето или месечината, многу од постарите луѓе станувале депресивни, па дури и плачеле од страв. Доколку алата успее да го изеде сонцето, тоа би значело крај на светот. За да го спречат ова, мажите пукале со пушки во насока на затемнувањето или пак ѕвонеле на ѕвона, а жените непрекинато кажувале магии. Според верувањата во областа Хомоље, ако алата ја изеде месечината, сонцето ќе умре од тага и вечна темнина ќе го обземе светот.

Се верувало дека алата може да го доведе човека до лудило. Во источна Србија постои и одреден термин за таквиот човек: алосан. Доколку човек се сретнел со алата, можел да добие тешки болести од неа. Алите исто така ги сметале за индиректно одговорни за кучешкото беснило: кога една чучулига ќе се сретнела со алата во својот лет, таа полудувала (се алосувала), поради што паѓала на земјата и се самоубивала, а ако ја нашло некое куче и ја изело, и тоа полудувало.

Поминување преку раскрсница навечер се сметало за опасно, затоа што тоа било местото и времето на вечерата на алата. Несреќникот кој ќе стапнел на „масата на алата“ можел да ослепи, оглуви или пак да остане сакат. Алите се собирале вечерта пред поважни празници, ги одвратувале мажите од своите патишта, ги носеле во ендеци и ги јавале како коњи.

Алите можеле да „влезат“ во човековото тело и да добијат човечки облик, а притоа и да ги задржат своите способности како ала. Според една легенда, алата влегла во Св. Симеон и го направила алчен, но Св. Сава го избавил од алата. Во една приказна од источна Србија и Бугарија се раскажува како селанец убил ала која влегла во телото на човек од некое далечно село, поради тоа што алата му го уништила лозјето. Во друга приказна пак, алата влегла во телото на покојна принцеза и ги изела војниците кои чувале стража.

Домот на алата најчесто се наоѓа длабоко во шумата, но може и да е на облаците, во езерата, изворите, пештерите, огромните дрва, таинствените далечни места или ненаселените планински места. Човек може да има најразлични последици доколку стапне во нејзиниот дом. Ако ѝ пристапи на алата со почит и не ги спомне разликите помеѓу човекот и алата, тој ќе биде награден. Доколку постапи поинаку, ќе биде сурово казнет. Според една приказна, паштерката која била избркана од својата маќеа, дошла во домот на алата, ѝ се обратила со зборот „мајко“, ги собирала вошките од косата на алата која била полна со црви, го хранела „добитокот“ на алата кој бил сочинет од бувови, волци, јазовци и други диви животни и се однесувала и зборувала како сите тие работи да се нормални за неа, поради што на крај алата ја наградила со ковчег полн со злато. Кога дошла вистинската ќерка на маќеата во домот на алата, постапила обратно од својата паштерка, а алата ги казнила и неа и нејзината мајка со тоа што им дала ковчег полн со змии, поради кои и двете ослепеле. Во други приказни, кога принцот ќе ја побарал раката на ќерката на алата, таа го спасувала од другите али и му помагала да се венча. Но, кога во посета ѝ дошле мајката и ќерката на која алата ѝ е добра самовила, алата ги изела и двете, затоа што мајката започнала разговор за чудните работи во нејзиниот дом.

Дека и мртвата ала е зла ала може да се потврди со легендата за потеклото на мувата Голубац (Simulium colombaschense), вид муви што пијат крв и се смртоносни за добитокот. Легендата, која Вук Караџиќ ја запишал во општината Пожаревац во 19 век, раскажува како еден србин бркал, фатил и повредил ала, но таа успеала да му избега и се скрила во една пештера близу Голубац (град во општината), каде што умрела од повредите. Оттогаш, од нејзиното тело се раѓаат мувите Голубац и во доцна пролет во големи роеви излетуваат од пештерата и ги покриваат областите дури до Шумадија. Луѓето дури и пробале еднаш да ја соѕидаат пештерата, но кога дошло времето, мувите успеале да го срушат ѕидот.

Аловити уреди

Во Србија, луѓето за кои се верувало дека поседуваат особини на алата ги нарекувале „аловити“, и за ова има неколку објаснувања. Едно од објаснувањата е дека алата влегла во нив. Ваквите луѓе се препознавале по нивната незаситност. Алата, за да го задоволи својот прекумерен глад ги поттикнувала постојано да јадат. Аловит можел да стане и човек кој го преживеал здивот на алата, што бил смртоносен за луѓето. Овие луѓе биле исклучително јаки. Друга можност била тоа да е дете на ала и обична жена, или пак при раѓање да било покриено со дел од ембрионската обвивка. Се верувало дека аловитите неможат да се убијат со пушка, освен ако не се употребат сребрени или златни куршуми.

Аловитите, исто како и алите, носеле облаци со град и невреме. Кога небото ќе се затемнело, тие паѓале во состојба на транс и нивниот дух, исто како алата, одлетувал во облаците. Но, тие никогаш не ги носеле облаците врз сопственото село и штета нанесувале само на соседните села. Во тој поглед, аловитите се еквиваленти на луѓето со натприродни способности во српската митологија, наречени здухачи. Освен што можеле да ги избркаат облаците, аловитите се бореле со алата за да го заштитат своето село. Имало и аловити деца, кои се бореле против алите со помош на дршките на плугот. Во ова им помагал смокот и затоа луѓето не ги убивале овие змии.

Има приказна за еден аловит, кој е опишан како необично висок и слаб човек со ковчесто лице, долга брада и мустаќи. Кога времето било добро, тој работел и се однесувал исто како и другите луѓе од селото, но кога ќе се појавеле црни облаци на небото, тој се затворал во својот дом, ги покривал прозорите и останувал сам и во состојба на транс, сè додека траело невремето. Како историски личности за кои се верувало дека се аловити се сметаат Стефан Немања и Стефан Дечански.

Непријатели уреди

Алите имаат неколку непријатели, во кои спаѓаат змејот, змејовитите (луѓе со особини на змеј), орлите, Св. Илија и Св. Сава. Главниот непријател на алата е змејот. Тој може да ја победи и да ја отстрани штетата која таа ја направила. Поради ова, змејовите се сметаат за чувари на нивите и плодовите и заштитници од невремето. Кога алата се заканува со град, змејот доаѓа и се бори со неа. Неговото главно оружје е громот. Грмењето претставува борба помеѓу алата и змејот (за тоа време алите се кријат во високите дрва). Во еден одреден период, во областа Пчиња имало случај на побогата жетва, што се сметало дека е резултат на борбата помеѓу змејот и алата. Змејот ја погодил алата со гром, при што баш на тоа место ѝ паднало украденото семе што го носела во своите огромни уши. Сепак, ако алата затекне змеј во шупливо дрво, може да го уништи со тоа што ќе го запали дрвото.

Змејовитите исто така можеле да ги победат алите. Родени од мајка човек и татко змеј, тие изгледале исто како и обичните луѓе, со единствена разлика што имале крила под рацете. Таквите луѓе се раѓале навечер, по дванаесет-месечна бременост. Слично како здухачите, и змејовитите живееле нормално додека времето било убаво, но кога алата ќе се заканела со облаци и невреме, тие запаѓале во состојба на транс и нивниот дух одлетувал во облаците за да се бори со алата, исто како и змејовите. Во една приказна од Банат, за која се верувало дека е вистинита сè до 1950-тите, се раскажува како пред Првата светска војна, на патот паднала ала во облик на огромна змија. Објаснувањето било дека алата била победена од змејовит, и луѓето ѝ дале млеко за да оздрави.

 
Во фолклорот, Свети Илија често играл улога на главен непријател на алата

Во приказните со христијанско влијание, борбата се одвива помеѓу Св. Илија и алата, но има и мислења дека светецот всушност соработувал со змејовите. Кога Св. Илија ќе ја забележел алата, ги собирал змејовите, ги земал во својата кочија или пак ги впрегнувал на неа и заедно фрлале громови на алата. Камења во облик на стрела се сметале за материјализирани громови исполнети со благотворна магична моќ, и наоѓање на таков камен се сметало за добар знак.

Во една приказна со уште поизразено христијанско влијание, Св. Илија фрла громови на ѓаволите кои ги носат облаците со град. Ѓаволите во овој случај се алите. Според ова, во ваквите верувања можат да постојат различни степени на христијанско влијание, но таквото влијание може и воопшто да го нема.

Ако се заканувало невреме и ако во тој момент луѓето забележеле орел на небото, тие го поздравувале со радост и надеж дека ќе ја победи алата. Откога ќе ја победел алата, орелот ги бркал облаците од нивите. Објаснувањето за ова, забележано во источна Србија, е дека орлите кои се гнездат во близина на некое село, не сакаат невреме и град во близина на своите пилиња, па како резултат на ова ги штитат и нивите во селото. Сепак, улогата на орлите е контроверзна поради тоа што во истата област се верувало и дека орелот кој лета во темните облаци е манифестација на алата, која ги носи облаците над плодовите.

Поврзаноста со Баба Јага уреди

 
Баба Јага. Во својата човечка форма, алата наликува на Баба Јага.

Постојат сличности помеѓу алата и руската Баба Јага во народните приказни. Гореспоменатата тема во која паштерката доаѓа во домот на алата во шумата е забележан и кај русите. Во руските бајки, паштерката доаѓа во домот на Баба Јага и го храни нејзиниот добиток. Слични се и темите во кои алата (кај србите) и Баба Јага (кај русите) стануваат добри самовили на деца кои подоцна ги јадат затоа што овие ја откриваат нивната тајна. Во примерот од Србија, со алата зборува мајката на детето на кое алата му е добра самовила, а во примерот од Русија, детето зборува со Баба Јага.

Српска бајка:

(...) Вчера, мајката и детето отидоа кај алата, добрата самовила на детето. Кога влегоа во првата соба видоа една маша и една метла како се караат. Во втората соба видоа човечки нозе. Во третата видоа човечки раце, во четвртата- човечко месо, во петтата- крв, а во шестата ја видоа алата како си ја извадила главата и си ја чисти од вошки, а на нејзиниот врат глава од коњ. Потоа, алата ја постави масата и ѝ рече на жената: „Јади кумо!“. „Како можам да јадам кога видов маша и метла како се караат во првата соба?“. „Јади кумо, јади. Тоа се моите слугинки. Се караат кој да ја земе метлата да мете.“. „Како да јадам кога видов човечки раце и нозе во втората и третата соба?“. „Јади кумо, јади. Тоа е мојата храна.“. „Како да јадам кога петтата соба беше полна со крв?“. „Јади кумо, јади. Тоа е моето вино.“. „Како да јадам кумо кога те видов како си ја чистиш главата од вошки, а наместо твојата носиш глава од коњ?“. Кога алата го чу тоа, ги изеде и мајката и детето.

Руска бајка:

(...) На својот именден, девојчето отишло кај баба ѝ да ја почести со колачиња. Кога дошло на влезната врата, што да види- вратата затворена со човечка нога. Отишло девојчето во дворот, а таму буре полно со крв. Се качило по скалите, а таму мртви деца. Чардакот бил затворен со рака, а на подот раце и нозе. Кога Баба Јага дошла да ја пречека на вратата, ја запрашала: „Виде ли нешто, внучке, кога доаѓаше?“. „Ја видов влезната врата затворена со нога“- одговорило девојчето. „Тоа е мојата железна брава“. „Видов и буре полно со крв во дворот“. „Тоа е моето вино, внучке“. „Видов деца како лежат на скалите“. „Тоа се моите прасиња“. „Чардакот е затворен со рака“. „Тоа е златната брава“. „Видов глава со долга коса во куќата“. „Тоа е мојата кадрава метла“- се разлутила Баба Јага и го изела љубопитното девојче.

И двата примери сведочат за мрачната природа на овие митолошки суштества. Главниот лик може да влезе во подземниот свет и да ги открие неговите тајни, но несмее да ги сподели тајните со другите луѓе. И алата и Баба Јага може да се поврзат со постар концепт за женски демон- змијоликата господарка на подземјето.

Наводи уреди

  1. Slobodan Zečević: „Ala“ од „Mitska bića srpskih predanja“, Vuk Karadžić, Etnografski muzej, 1981, Beograd, ISBN 0585043450.
  2. Милена Беновска-Събкова: „Хала и Ламя“ Архивирано на 17 јуни 2018 г., Детски танцов ансамбъл „Зорница”.