Јуриј Борисович Норштејн (руски: Ю́рий Бори́сович Норште́йн), или само Јуриј Норштејн (роден на 15 септември 1941) е многукратно наградуван руски аниматор најпознат по неговите кратки филмови, Еже во маглата и Приказна на приказните. Од 1981 година работи на долгометражен анимиран филм со име Шинел, инспириран од истоимениот расказ на големиот руски писател Николај Василевич Гогољ.

Јуриј Норштејн
Јуриј Норштејн сликан додека работи на својот најнов (и сѐ уште) неиздаден филм Шинел
Роден(а)Јуриј Борисович Норштејн
Занимањережисер, аниматор
СопружникФранческа Јарбусова

Животопис уреди

 
Еже во маглата (1975), едно од најпознатите дела на режисерот

Јуриј Норштејн е роден во селото Андреевка, во текот на евакуацијата на неговите родители за време на Втората светска војна. Израснал во московското предградите Марина Рошча. Иако завршува уметничко училиште, Норштејн најпрво се вработува во фабрика за мебел. Потоа успешно поминува курс по анимација во траење од две години и успева да се вработи во познатото советско студио за анимација Сојузмултфилм во 1961. Првиот филм во кој учествува како аниматор е Кој рече "Мјау"? од 1962 година.

Откако работи како аниматор на педесетина филмови, Норштејн конечно добива можност и сам да режира. Во 1968 година дебитира со 25 октомври, Првиот Ден, делејќи ги режисерските заслуги со Аркадиј Тјурин. Филмот е направен во стилот на советските уметници од 1920-тите години - Алтман и Петров-Водкин.

Следниот филм во кој Норштејн има поголема улога е Битката кај Керженец (1971), во ко-продукција со рускиот режисер на анимирани филмови Иван Иванов-Вано под чија режисерска палка Норштејн веќе има работено на Годишни времиња во 1969.

Во текот на 1970-тите Норштејн работи како аниматор на неколку филмови (речиси целосна листа може да се најде на ИМДБ), а исто така и ги режира Еже во маглата (1975) и Приказна на приказните (1979), и двата безмалку редовно прогласувани за најдобри анимирани филмови на сите времиња [1][2][3]. Во текот на оваа деценија неговиот стил станува се пософистициран, и се помалку изгледа како збир од исечоци, наместо тоа добивајќи форма на движечки слики со вкомпонирано префинето движење на моливот.

Норштејн користи специјална техника за анимација, која вклучува употреба на стакла и огледала со цел на филмот да се даде три-димензионален изглед. Камерата се поставува одозгора со што кадарот е насочен кон цела серија на стаклени панели со длабочина од еден метар (по едно на секои 25–30 cm). Стаклените панели можат да се движат по хоризонтала, а истовремено и кон, односно од камерата (со што даваат впечаток дека ликот се доближува или оддалечува од неа).[4] Никогаш нема искористено компјутер во неговата работа.

Долги години соработува со својата жена - сликарката Франческа Јарбусова - и кинематографот Александр Жуковскиј.

 
Сцена од Шинел

Во текот на доцните 1970-ти и раните 1980-ти, Норштејновите анимации добиваат огромен број на национални и меѓународни награди. Токму тогаш, иронично, е отпуштен од Сојузмултфилм во 1985 поради пребавно работење на својот последен анимиран филм, (многу веројатно) долгометражна адаптација на Гогољевиот расказ Шинел. До тој момент, работејќи, како и секогаш, во истиот трочлен тим, на Шинел, Норштејн веќе работи две години и има сработено одвај десетина минути.

Во април 1993 година, Норштејн и уште тројца водечки аниматори (Фјодор Хитрук, Андреј Кржановски и Едвард Назаров) го основаат Студиото СХАР - Школа и студио за анимација. Рускиот кинематски комитет е еден од сопствениците на акциите во студиото.

Од 1981 до денес, Норштејн сѐ уште работи на Шинел— како резултат на неговиот страсен перфекционизам често е ословуван како "Златниот полжав". Проектот наидува на низа парични проблеми, но моментално (според Норштејн) истиот е финансиран од неколку извори од Русија, но и надвор од неа. Се претпоставува дека засега се готови 25 минути. Неколку кратки исечоци со мала резолуција веќе се достапни за јавноста [5]. Елементи од првите 20 минути од филмот се имаат појавено и на неколку изложби на делата на Норштејн. Целиот филм се очекува да биде долг 65 минути.

Покрај работата како аниматор, Норштејн понекогаш и пишува. Засега има напишано еден есеј во книгата на Џаналберто Бендаци посветена на творештвото на аниматорот Александр Алексејев со наслов Алексејев - водич кон делата на еден Гениј. Во 2005 година издава и сопствена книга - Снегулки во тревата - која, во основа, е збир на предавања што Норштејн ги има одржано во врска со анимацијата. Истата година, поканет е како "гостин аниматор" да работи на анимираниот филм со кукли на Кихачиро Кавамото Книгата на мртвите.[6]

Познатиот јапонски аниматор и оскаровец Хајао Мијазаки го смета Норштејн за "голем уметник"[7] а истовремено го издвојува Еже во маглата за еден од своите најомилени анимирани филмови.[8]

Филмографија уреди

Награди и достигнувања уреди

Библиографија уреди

  • "Сказка сказок". Ю. Норштейн. Ф. Ярбусова. 2005, «Красная площадь». ISBN 5-900743-80-2
  • "Снег на траве. Фрагменты книги. Лекции по искусству анимации". Ю. Норштейн. 2005. ISBN 5-87149-099-9
  • "Ёжик в тумане". Юрий Норштейн, Сергей Козлов, Франческа Ярбусова (иллюстрации). 2006, «Красная площадь».

Белешки уреди

Надворешни врски уреди