Ѓорѓи Зографски (1871-1945) — македонски зограф и сликар. Потекнува од Рензовско - Зографскиот род, од мијачкото село Тресонче чии предци се занимавале со градителство, зографство, иконопис и копаничарство.[1] Најголем број од неговите дела претставуваат портрети.

Ѓорѓи Зографски
Роден(а)1871
Папрадиште, Османлиско Царство (денес Македонија)
Починал(а)декември 1945
Велес, НР Македонија
НационалностМакедонец
Значајни делаЖенски портрет, 1894
Портрет на игуменот Спиридон, 1932
Портрет на Данчо Зографски, 1943
СопружникСава Мицајкова (1894-1898)
Роса Вецинова (1903-)

Тој е еден од најдоследните следбеници на Димитар Андонов - Папрадишки (1859–1954), со кој де факто започнува нов период во развојот на ликовната уметност во Македонија. Во однос на нешто постариот, Андонов, иако припаѓа на иста генерација, иста духовна клима и време, Зографски својата уметничка личност и развој ја формирал по други патишта имајќи ги предвид општествено-политичките и културно-уметничките прилики во средините во кои се движел и создавал (Македонија, Русија, Бугарија и Србија).[2]

Рани години уреди

 
Во делото Папрадишко-велешки црковни градители, зографи и резбари, 1942, Зографски насликал 14 ликови на градители, зографи и резбари кои потекнувале од Рензовско-Зографскиот род.

Роден е во село Папрадиште, Велешко во 1871 година. Неговиот татко, Јаков, потекнува од Рензовско-Зографскиот род, кој дал бројни мајстори на својот занает. Неговата мајка се викала Ката. Основно образование завршил во родното место, учејќи азбука и читање од стари старословенски книги од кои поголемиот дел биле од црковен карактер. Од најраното детство Зографски почнал да го придружува својот татко на неговите печалбарски патувања со цел да го учи зографскиот занает.[3]

На 12 години, Ѓорѓи бил сведок на еден крвав настан во Папрадиште, кога една арнаутска чета предводена од Фазлија од село Црнилиште, Прилепско ја опљачкала фамилијата на Дело Тримчевски, убила голем број членови на оваа фамилија (биле поштедени само најстариот син Наце и нивната роднина Доста, која била одведена во плен). Имотот и добитокот биле ограбени, а нивната куќа била запалена.[4] После овој настан Јаков Зографски бил принуден, како и други мештани, да се исели од Папрадиште и се преселил во Велес во 1884 година. Меѓутоа, настанот од Папрадиште останал во меморијата на Ѓорѓи Зографски, кој во неговите подоцнежни дела направил негова реконструкција.

Вистински настан во 1884/ во с.Папрадиште, 1907.
Вистинска случка/ Арнаутското разбојништво во Папредиште во 1884 г., 1907.
Македонско страдание под турско ропство. 1884 г. во с.Папрадиште, 1940.
Дела во кои Ѓорѓи Зографски го реконструирал настанот во Папрадиште од 1884 година.

Во 1887 година, рускиот конзул во Призрен, Иван Јастребов, кој имал можност да ги види неговите сликарски работи, изјавил желба да го прати на школување во Русија. Но, настојувањата на 16 - годишниот Зографски да „учи и да ја види Русија” не биле во согласност со патријархалните разбирања на неговите родители. Благодарение на поддршката од неговиот роднина Даме Андреев, кој во тоа време ја градел црквата „Свети Ѓорѓи” во Призрен, тој успеал да ги убеди своите родители и истата година, на своја иницијатива, заминал во Солун. Во рускиот конзулат ги завршил формалностите околу добивање документи за својот десетмесечен престој во Москва и Петроград. За школувањето и работа во Русија, не се оставени никакви податоци. Се знае единствено за неговото познанство со Иван Димитриев, академски сликар од Бугарија, со кого се договориле за работа во заедништво, по враќањето во земјата.[5]

После враќањето од Русија уреди

Враќање од Русија уреди

 
Женски портрет, околу 1894

По Русија заминал во Бугарија, каде останал до 1888 година. Потоа, се вратил во Македонија и се приклучил на тајфата на татко си Јаков. Со кого работел во Македонија, Бугарија и Србија, сè до нееговата смрт во 1907 година. Во Софија Јаков Зографски имал свое ателје во кое, по враќањето од Русија, се приклучил и Ѓорѓи, каде покрај икони сликал и ѕидни (фреско) декорации по куќите на богатите семејства (во куќата на генералот Рачо Петров) и портрети на негови сонародници од Велес и Папрадиште коишто живееле и работеле во Софија. Меѓу првите негови дела, по враќањето од Русија е Женскиот портрет пред 1894 г., работен во духовно сродство со академскиот реализам.[6]

 
Св. Ѓорѓи Победоносец, 1899

Во 1894 година Зографски се оженил со Сава Мицајкова со која им се родил синот Тодор. По четири години брак Сава умрела (во 1898), а Зографски наредната година заедно со татко му Јаков, заминал во Србија. Таму, во 1899 слика икони за иконостасот на обновената црква „Св. Ѓорѓи“ во Сурдулица и ја украсува со фрескоживопис црквата во с. Шапранце, кај Врање. Охрабрен со првите резултати, по враќањето во Велес, во куќата каде што живее, уредува своја работилница за изведување подготвителни работи околу изработката на иконите (дрвени носачи, поставување грунд и нанесување цртежи). Во 1903 година Зографски повторно се оженил, со Роса Вецинова од Велес, со која имал три машки деца, Јован, Јордан и Данчо.[3]

Во Ниш (1907-1912) уреди

По смртта на неговиот татко Јаков во 1907, Зографски заминал во Ниш, каде отворил свое ателје.[7] Таму ги сликал иконите за црквите „Архангел Михаил” во село Балаинац, „Св. Јован” во Орлање, „Св. Прокопиј” во с. Шумане, Лесковачко, „Св. Илија” во с. Печењевац, „Собор на светите апостоли” во с. Турековац и др. Во овој период Зографски сликал и портрети на познати свештени и политички личности во Србија.[7]

Овие години Зографски портретирал две свештени лица, со чие залагање тој добивал работа во Нишката епархија. Едниот портрет најверојатно бил на нишкиот епископ Никанор што му го нарачал живописувањето на галеријата на Соборната црква, а вториот на еден прота, познат по своите националистички убедувања. По негова иницијатива, со ветувања дека ќе му биде добро платено, Зографски се нафаќа, околу 1909 г. да го наслика портретот на српскиот крал Петар I, во стоечки став, врз големо платно.[8]

Во Велес (1912-1932) уреди

 
Св. Великомаченик Ѓорѓи Кратовски, 1925

За време на Првата балканска војна живеел и работел во Велес каде отворил работилница за подготовка на дрвени подлоги за икони, сликање икони и фотографско студио. Во овој период сликал икони за црквите „Св. Никола” во с. Рудник, „Вознесение Христово” во с. Еловец и манастирот „Св. Вмч. Димитрија” во Велес.[3]

За време на окупацијата на бугарската војска во 1915, доживува непријатна епизода со една слика - портретот на кралот Петар I, поради кој поминал 15 дена во затвор.[8] По завршувањето на војната, граѓаните на Велес, од почит спрема него, како на еден од видните граѓани, со демократски убедувања и ценет зограф, го избираат за кмет на градот.

 
Ѓорѓи Зографски со семејството: сопругата Роса Зографска, синот Јордан, Јелена Зографска и Јован Зографски и најмладиот син Данчо Зографски (снимено во Велес во 1928 година)

Периодот од 1927 до 1929 година се смета за еден од поплодните негови периоди. Покрај икони и живопис, насликал и доста портрети на познати личности, трговци, занаетчии и на негови пријатели од Велес.

Зографски стекнал голем авторитет како сликар, кој покрај црковното, почнал да го негува и профаното сликарство. Спонтано ги прифатил новите ликовни струења во уметноста, го збогатил својот ликовен репертоар со нови ликовни идеи и содржини, со теми инспирирани од секојдневниот живот и непосредната околина. Неговиот авторитет и слава достигнуваат врв во 1932 година, кога во дневниот печат биле објавени повеќе текстови за неговиот живот и творештво.

Повторно во Србија (1930-1932) уреди

Помеѓу 1930 и 1932 Зографски по трет пат заминал во Србија каде што сликал икони и живопис. Во овој период ја живописал црквата „Св. Константин и Елена“ во Ужичка Пожега. За истата црква насликал и неколку икони (1931). Во 1932 г. Зографски слика икони за црквата (капелата) Св. Никола, на Новите гробишта во Белград.[9]

Во 1932 година, по нарачка на Милан Јовановиќ Стоимировиќ, сопственик и уредник на весникот „Вардар“ во Скопје, Зографски изработил повеќе дела, портрети на историски и други личности. Овие творби ги работел според фотографии и гравури објавени во трудовите на патеписците Аменски, Пуквил и други.[10]

Повторно во Велес (1933-1945) уреди

Од 1935 година па сè до крајот на својот живот тој постојано живеел во Велес, главно сликајќи икони за селските цркви во околината на Велес. За време на Втората светска војна, веќе навлезен во осмата деценија од својот живот, Зографски работи икони и слики со профана содржина во своето ателје – портретите на Јаков Зографски, Данчо Зографски, паното со ликовите на градителите, зографите и резбарите од Рензовскиот род. До пред самата смрт тој активно живее и твори за својот град, сликајќи го живописот во црквата Успение на Св. Богородица (1943) и Св. Пантелејмон (1944 и 1945). Општата воена и политичка состојба, годините на неговата возраст не му пречат постојано да слика дома икони и по некоја слика.

Умрел од настинка, во декември 1945 година, на 74-годишна возраст во скопската болница, каде што бил пратен на операција на очите (перде).[11]

Значењето на Ѓорѓи Зографски за македонското сликарство уреди

Во историјата на ликовната уметност Ѓорѓи Јаковов Зографски е вброен во редот на Димитар Андонов Папрадишки, Коста Вангелов, Гаврил Атанасов Беровец, но, како што вели Владимир Величковски и меѓу авторите од Струмица, Штип, Битола и други градови, кои работеле во „руски стил со „живи модели“. Неговите дела освен во црквите и манастирите во Македонија и Србија, се наоѓаат и во приватни музејски збирки во Бугарија.

Дела уреди

Портрети и други сликарски претстави уреди

Пејзажи уреди

Наводи уреди

  1. Алексоска 2013.
  2. М. Марковић, Каменко (2011). „О портретном стваралаштву Ђорђи Зографског – уопште и о једном непознатом групном портрету – посебно“. Зборник радова Филозофског факултета – Универзитет у Приштини. 41 (1): 439–458.
  3. 3,0 3,1 3,2 „Животот и црковното сликарство на Ѓорѓи Зографски“. Повардарска епархија - МПЦ ОА. 2007-10-10. Архивирано од изворникот на 2020-09-28. Посетено на 2020-12-12.
  4. Николовски, Дарко (2010). „Дела од приватни колекции во Р Македонија“. Патримониум.мк. 3 (7–8): 389. |access-date= бара |url= (help)
  5. Николовски 2020, стр. 168.
  6. Николовски 1984, стр. 282.
  7. 7,0 7,1 Македонско профано сликарство (XIX – почеток на XX век). 2013.
  8. 8,0 8,1 Николовски 2020, стр. 174.
  9. Николовски 2020, стр. 176.
  10. Николовски 2020, стр. 215.
  11. Николовски 2020, стр. 178.

Библиографија уреди

  • Николовски, Антоние (2020). Македонските зографи од крајот на ХIX и почетокот на XX век: Андонов, Зографски и Ванѓеловиќ. Скопје: Каламус. ISBN 978-608-4646-32-7.
  • Николовски, Антоние (1984). „Уметноста од времето на XIX век“. Уметничкото богатство на Македонија. Скопје: Македонска книга.
  • Алексоска, Славица (2013). „За македонското профано сликарство“. Македонско профано сликарство (XIX - почеток на XX век). Скопје: НУ Национална галерија на Македонија. ISBN 978-608-4693-30-7.

Надворешни врски уреди